Пишува: Беса Арифи, Вонреден професор на Универзитетот на Југо-Источна Европа
Деновиве повторно е актуелен Иванов со неговата изјава која треба да делува многу “патриотски” дека не прифаќа промена на името ерга омнес. Очекувањата се дека тој ќе биде последниот “патриотски” бастион во државата кој со своите овластувања ќе се потруди да го блокира спроведувањето на договорот со Грција кој евентуално би се постигнал деновиве.
И така тој “најпатриотски” ќе ја брани земјата од новите “ризици”, како што се на пример зачленувањето во НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ. Исто како што во 2016 година “најпатриотски” помилуваше 56 лица се со цел да ја “заштити” државата од тоа големо „зло“: носење одговорност за сторени кривични дела.
Тие никогаш претходно видени “најпатриотски” помилувања од 12 Април 2016 година повторно станаа актуелни. Врз основа на овие помилувања екстрадицијата на бегалците Горан Грујевски и Никола Бошковски беше одбиена од грчкиот Врховен суд кој констатираше дека еднаш дадените помилувања не може да се повлечат назад.
И во принцип, тоа е точно.
Меѓу најважните начела на институтот на помилување е токму тоа што даденото помилување не може да се отповика ниту пак да не се прифати од страна на помилуваното лице. Со други зборови, помилувано лице не може да биде “отпомилувано”. Тоа го пишува во секој учебник по казнено право. Меѓутоа, тоа важи за законски важечки помилувања, дадени според одредбите на Уставот и законите.
Проблемот со “патриотските” помилувања на Иванов беше што истите беа ab initio (од самиот почеток) ништовни и противправни.
Сé започна со тој фамозен член 11 на Законот за помилување од 1993 година кој овозможуваше во минатото шефот на државата, во исклучителни случаи, да помилува без претходна постапка лица кои се во истрага. Со Законот за измена и дополнување на Законот за помилување донесен во 2009 година, тој член беше избришан, а овие измени на 16 март 2016 година беа прогласени за неуставни од страна на Уставниот суд. Сепак, тоа не значи дека членот 11 автоматски се врати на сила, бидејќи, како што Уставниот суд тоа го имаше констатирано во една одлука од 2012 година, ова институција нема надлежност да врати во сила (да воскресне) порано бришани одредби. За избришаната одредба да се врати во сила треба Собранието да донесе нови измени на законот со што тоа ќе го направи. Собранието не го измени дополнително Законот за помилување и дури не ни иницираше враќање на одредбата од членот 11, така што тој член остана избришан, непостоечки. Сите 41 помилувања на Иванов беа основани токму на тој непостоечки член и затоа од самиот почеток тие беа неважечки.
Вториот проблем со неважечките “патриотски” помилувања на Иванов беше што ниту една државна институција во тоа време не ги прогласи истите за такви какви беа и се уште се – ништовни.
Тоа е еден од најдобрите докази дека навистина живеевме во заробена држава. Ништовните помилувања беа објавени во Службен весник и почнаа да произведат правни последици кои беа исто толку ништовни колку и самите помилувања. Така, постапките пред СЈО беа во застој, и сите институции ги сметаа помилуваните лица за вистина помилувани. Така, тие државни институции, свесно или не, се приклучија кон неважечката одлука на Иванов, и наместо да ја игнорираат таа негова одлука, знаејќи многу добро дека истата е ништовна, тие истата ја спроведоа и дозволија да произведе правни последици.
Се сеќавам дека во тоа време на една емисија ме прашаа што треба да се направи да се повлечат помилувањата, а јас одговорив дека тие не треба да се повлечат бидејќи се ништовни, туку треба да се прогласат за такви, а во меѓувреме да се игнорираат од другите државни институции и постапките пред СЈО да продолжат непречено. За жал државните органи не ги игнорираа овие помилувања, ниту пак ги прогласија за ништовни. Во нормална држава, нормален Уставен суд веднаш би постапил по своја иницијатива и би го прогласил таквиот потег на Иванов за противуставен и во спротивност со неговите уставни и законски овластувања. Меѓутоа, нормален Уставен суд кој работи според уставот и законите на една земја немаше да донесе таква одлука како таа од 16 март 2016 година. Такви одлуки може да носат само уставни судови на заробени држави кои потоа заробено продолжуваат да молчат и кога го гледаат шефот на државата како отворено и јавно ги крши одредбите кои самите тие ги донеле некоја година порано, се со цел “најпатриотски” да спречи носење на одговорност за извршени кривични дела. Наместо да ја реафирмира својата одлука од 2012 според која Уставниот суд не може да “воскресне” правни норми, ова институција одлучи молкум да го следи распнувањето на крст на правдата во оваа мала земја полна со “патриоти”.
Третиот проблем е што Собранието во тоа време потполно го докрајчи тој процес преку барање “креативни законски решенија” кои ќе овозможат “одмилување” на помилуваните.
За да се потрудиш да најдеш начин како да се повлече помилувањето треба да признаеш дека таквото помилување постои. Собранието немаше никакво право тоа да го направи, туку требаше да донесе автентично толкување на Законот за помилување и јасно да укаже на тоа дека членот 11 на тој закон не е во сила и не постои. На тој начин помилувањата автоматски ќе беа прогласени за ништовни и неважечки што ќе беше причина плус заспаниот Уставен суд да се премисли и можеби да отвори постапка за уставноста на тој потег на Иванов. За голема жал Собранието, кое беше исто-така заробено, како и самата заробена држава во тоа време, не го направи ова. Тоа што го направи беше донесувањето на тој смешен, траги-комичен Закон за измена на Законот за помилување, донесен на 20 мај 2016 година со кој непостоечкиот член 11 беше надграден со членот 11-а. Беше тоа времето кога сите правници што разбираат нешто од законите и правото сериозно помислија да ги запалат дипломите, магистратурите, докторатите…
Напишав текст во тоа време прашувајќи како може да се надгради куќа која е урната и не постои? Како може да се изгради втор кат на зграда која е срушена од темел? Така беше и со членот 11-а според кој Иванов ги повлече помилувањата на исто толку противправен начин како што и ги донесе.
Целиот тој процес беше еклатантен пример на противправното делување на најважните и највисоките државни институции. Иванов како шеф на држава донесе ништовни помилувања, Уставниот суд молчеше и не го прогласи таквиот потег за противуставен додека пак Собранието создаде противправна основа за повлекување помилувања кои ab initio беа ништовни и противправни.
Беше ова спектакуларен пораз на главните државни институции на земјата, овластени да создаваат, да спроведуваат и да раздаваат правда.
Тој пораз нé чини многу и е се уште актуелен, бидејќи кога прекршувањето на законот се толерира, тоа отвора многу други проблеми во иднина за кои се плаќа висока цена. Се плаќа цена, како на пример, неможноста Грујевски и Бошковски да одговараат пред правосудните институции.
Нé чини таквиот пораз и опасност другите обвинети од СЈО да избегаат од државата и да се надеваат дека нема да бидат екстрадирани, бидејќи како големи “патриоти”, нели, се помилувани од “веле-патриотот” Иванов.
Нé чини сила и енергија за да се аргументира зошто таквите приговори пред домашните судови не држат вода. Ќе нé чини и понатаму, бидејќи овие правни аргументирања нема да завршат тука, истите може да стигнат и пред Европскиот суд за човекови права кој во својата пракса неколку пати посочил дека еднаш дадени а важечки помилувања не може да се отповикаат. Можеби наскоро ќе станеме преседан пред овој Суд кој можеби еден ден ќе донесе правно мислење дека тие “патриотски” помилувања сепак биле ништовни од самиот почеток. И така, овој случај ќе продолжи да се учи од правниците во светот како еклатантен пример на тоа што се случува кога државните институции и служат на партијата на власт наместо на правдата.




