Стечајната судијка Ирена Петрушевска за 22 јуни го закажа рочиштето на кое ќе се одлучува дали телевизијата „Нова“ на Сеад Кочан ќе оди во стечај. Дотогаш телевизијата не смее да отуѓува имот. За привремен стечаен управник е именувана Христина Јоновска која треба да го заштити имотот на должникот до донесувањето одлука за отворање стечајна постапка.
Предлогот за отворање на стечај го поднесоа 43 поранешни вработени во телевизијата. На листата на доверители се новинари, сниматели и монтажери. Вработените се надеваат дека ќе се договорат со раководството за исплата на заостанатите плати без да биде отворена стечајна постапка.
Кочан им должи на вработените 7 плати.
Сопственикот на телевизијата Сеад Кочан е обвинет во случајот „Труст“ на СЈО за добивање тендер од ЕЛЕМ со фалсификувани документи во висина од 17 милиони евра.






