Механизмот кој на земјите членки на ЕУ им дозволува да воведат повторно визен режим за балканските земји денес беше изгласан во Европскиот парламент (ЕП) со 328 пратеници кои гласаа “за”, 257 “против” и 48 воздржани.
Овој документ ја содржи “суспензивната клаузула” која сега може да биде воведена на барање на земјите членки кои се чувствуваат под закана од преголем број на баратели на азил.
На расправата на оваа тема во ЕУ комесарот Невен Мимица се обиде да ги утеши балканските земји велејќи дека мерката не може да биде воведена без контрола и само врз барање на земја членка: “ЕК ќе биде таа која ќе оцени дали условите за воведување на суспензивниот механизам се почитувани и дали за тоа има сериозни аргументи”, рече Мимица.
>>Воведување суспензивен механизам за визната политика на ЕУ
Да потсетиме дека со укинувањето на визите во 2009 и 2010 година некои европски земји членки беа поплавени од баратели на азил кои доаѓаат главно од Србија и Македонија. По поплаките на земјите членки ЕК одлучи да го предложи суспензивниот механизам. По долги преговори помеѓу ЕК, земјите членки и ЕП сега денес беше усвоен. Укинување на слободниот визен режим може да трае 6 месеци и може да биде продолжен.
За текстот гласаа демохристијаните од Европската народна партија и популистички партии предизвикувајќи го гневот на нивните колеги социјалисти и од групата на зелените. Според Тања Фајон, која веќе две години се бори оваа мерка да не биде воведена, “Европската народна партија, заедно со конзервативните и популистичките сили на ЕП покажаа со ова дека тие не се грижат за безбедноста и слободата на движење на европските граѓани за кои ова е фундаментално право”, рече Фајон.
Според неа суспензивниот механизам е штетна и опасна мерка за Балканот и процесот на проширувањето. Барателите на азил , рече таа, се уште го има многу но нивниот број се намалува. Со оглед на тоа што барателите на азил се се уште најбројни помеѓу Ромите, Фајон потсети дека Ромите, и покрај тешкотиите, се подобро интегрирани во Србија и Македонија отколку во некои од зејите членки на ЕУ.