ВМРО ДПМНЕ по кој знае кој пат ја згази јасно изразената волја на граѓаните на Центар, кои на Локалните избори недвосмислено се спротивставија на начинот на владеење на ВМРО ДПМНЕ, рече пред новинарите потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски.
Тој побара одговор на следниве прашања:
– Зошто МВР ангажираше специјалци и хермелини? Зошто бруталност и насилие врз мирољубиви граѓани кои го штитат зеленилото и човековата околина? Од што се плаши Гордана Јанкуловска? Од сопствениот народ? Приведените граѓани беа физички малтретирани и понижувани без никакво образложение.
– Како епилог единствено добија прекршочни казни за загадување на околината во износ од 50 евра. Од кога за казни од 50 евра се активираат специјалци и хермелини?
– До кога со злоупотреба на полицијата ќе се прикрива криминалот на Скопје 2014?
„Испробаното сценарио на Груевски за пренасочување на вниманието на граѓаните од проблемите нема да успее. Ниту сиромаштијата ќе исчезне, ниту спорот со Косово ќе се заборави, ниту граѓаните ќе живеат слободно“, смета Манчевски.
Во оваа прилика се обраќаме и до сите вистински професионалци во МВР. До оние полицајци кои синоќа не сакаа да бидат пред „Бристол“, до оние кои не знаеја што бараат таму, до оние кои чесно го бранат редот и мирот во нашата држава, да не подлегнуваат под притисоци и да не ги прифаќаат безусловно сите наредби на власт.
Сите тие чесни бранители на редот и мирот нека издржат уште малку, брзо ќе дојде времето кога нивниот професионализам ќе се цени и почитува. Не одете против сопствениот народ, апелираше Манчевски.




