„Се извинуваме што не знаевме дека вчера имаше полициски час. Не сме знаеле дека и во овој навидум демократски систем се уште постои“, напишаа на својата Феjсбук страница Паркобраните пред еден час. Еве уште за што се извинуваат:
– Се извинуваме што не распознавме работници и полиција затоа што и едните и другите местеа тараби.
– Се извинуваме затоа што не знаевме дека 10 активисти сме толку опасни и претставуваме голем ризик за да битат потребни 40 специјалци по човек за да не задржат и уапсат.
На крај велат дека се почестени затоа што секој активист бил приведен со посебно полициско возило и сопствен шофер.
Реакцијата на Паркобраните следи по соопштението на МВР дека лицата кои го узурпирале земјиштето го правеле тоа политички, самоволно и надвор од сите важечки закони, нанесувајќи му материјална штета на корисникот. Според МВР, тие работеле, работат и ќе продолжат да работат согласно законите, постапувајќи неселективно и во одбрана на демократијата.
Откако денеска во раните утрински часови беше извршено отстранување на поставените шатори и активисти од паркот пред хотелот „Бристол“ од страна на редовни полициски службеници и припадници на Единицата за брзо распоредување Паркобраните за вечерва најавуваат настан „Полициски час во Центар“, кој што ќе започне во 20:00 часот во Даут пашиниот амам, (во случај на дожд во Гем клуб Менада) кога ќе биде прикажан видео-материјал од полициската интервенција кој до сега не е објавен пред јавноста, а ќе се обратат и сведоци на настанот.




