Иако најавена попладнево не се одржа средба меѓу вицепремиерите Владимир Пешевски и Хајредин Кучи. Решение за блокадата на македонско-косовската граница се уште нема.
Превозниците на Макамтранс решија да пропуштаат возила на секој половина час од една и од другата страна на границата за да се растрети гужвата. Билјана Муратовска и денеска побара решевање на проблемот и рече дека се надева за што поскоро надминување на недоразбирањата меѓу двете влади.
Претседателот Ѓорѓе Иванов по ембаргото од Косово за увоз на македонски производи бара почитување на ЦЕФТА договорот и се надева дека косовската држава ќе најде институционално решение за проблемот.
– Лично бев изненаден од тоа што го презема косовската страна затоа што постои договор за ЦЕФТА и тој договор треба и Косово да го почитува. Меѓутоа се надевам дека институциите во Косово ќе најдат институционално решение за ова прашање. Не доликува ова да се случува кога имаме во подем многу состојби меѓу нашите две држави и кога очекуваме подобрување на многу работи, изјави денеска Иванов.
Според Иванов, неговите советници се во контакт со кабинетот на претседателката на Косово и се настојува да се најде решение.




