Разговорите меѓу Македонија и Косово за надминување на кризата, се на добар пат и многу брзо може да се постигне договор. Тоа го најави и вицепремиерот на Косово, Хајредин Кучи, кој од премиерот Хашим Тачи беше задолжен да работи на решавање на кризата со Македонија.
Кучи за Радио Косово изјави дека се надева оти многу брзо може да се постигне договор со Македонија. Инаку, иако беше најавено дека тој денеска ќе дојде во Скопје, тоа не се случи бидејќи косовските функционери не сакале да ја посетат Македонија во време кога сè уште се во сила патните такси за нивните граѓани.
„Јас сум во постојани консултации со владата на Македонија. Особено денеска имав неколку телефонски разговори и на добар пат сме да најдеме решение. Ќе видиме дали е потребно да одиме таму или тие да дојдат кај нас или пак, да се сретнеме на некое друго место. Наша цел е состојбата да се врати како порано, без никакви обврски да имаме слободен проток на стока, услуги, капитал и луѓе. Ние сме подготвени да ја вратиме состојбата како што беше, а позитивна атмосфера има и кај македонската страна. Нашите одлуки ќе бидат согласно достоинството на државата, интересите на нашите граѓани и согласно добрите меѓусоседски односи“, изјавил косовскиот вицепремиер.
Кучи рече и дека во преговарачкиот процес за изнаоѓање решение имало и посредници, но пред сè решението ќе биде резултат на директните контакти со македонската влада.




