Старт на преговорите со ЕУ и паралелно решавање на спорот за името е вистинскиот пат за Македонија, изјави за Дојче веле германскиот пратеник, либералот Рајнер Штинер.
Вели дека не може да ја разбере блокадата на евроатлантскиот пат на Македонија и оти барањето земјата да го смени името за да стане полноправна членка на ЕУ и НАТО е уцена.
– Јас сум целосно на страната на Македонија. Не можам да ја сфатам грчката страна. Факт е дека Грција со години блокира и сметам дека ќе биде добро доколку европските држави и НАТО делуваат порешително. Уште подобро ќе биде доколку, пак, Македонија и натаму посилно покаже дека е посоветена на европските вредности. Последниве месеци се говори дека во Македонија во игра повторно силно се вратени националните аргументи. Ова не ја прави состојбата поедноставна, но и покрај тоа, се надевам на скора разврска, оптимист е Рајнер Штинер, гласноговорник за надворешна политика на пратеничката група на либералите во Бундестагот.
Пред есенскиот извештај на ЕУ за напредокот на Македонија Штинер ја коментира и опцијата – старт на преговорите за полноправно членство и паралелни преговори за решавање на спорот со името.
– Сметам дека тоа би бил вистинскиот пат по кој треба да се чекори. Да се воспостави вид на параленост, а не условеност! Впрочем имавме и други пристапни процеси во кои имаше паралелност. Сметам дека работите може на ваков начин и да се решат, вели Штинер според кого одолговлекувањето на целиот пристапен процес може да се рефлектира и врз внатрешната стабилност на Македонија.




