Сообраќајот на македонско-косовската граница веќе четири дена е блокиран. Превозниците членки на асоцијатцијата Макамтранс и денеска во знак на револт за ембаргото воведено од косовска страна го блокираат граничниот премин Блаце, каде границата може да премине само пешки. Билјана Муратовска за НОВА вели дека тие ќе продолжат да вршат притисок со блокада се додека владите не најдат излез од кризата.
Вчера не се одржа средба меѓу вицепремиерите Пешевски и Кучи на која требаше да се најде решение за застојот на транспортот меѓу двете држави. Иако беше најавено дека Кучи вчера ќе дојде во Скопје, тоа не се случи бидејќи косовските функционери не сакале да ја посетат Македонија во време кога сè уште се во сила патните такси за нивните граѓани.
Кучи за Радио Косово вчера изјави дека се надева оти многу брзо може да се постигне договор со Македонија.
„Јас сум во постојани консултации со владата на Македонија. Особено денеска имав неколку телефонски разговори и на добар пат сме да најдеме решение. Ќе видиме дали е потребно да одиме таму или тие да дојдат кај нас или пак, да се сретнеме на некое друго место. Наша цел е состојбата да се врати како порано, без никакви обврски да имаме слободен проток на стока, услуги, капитал и луѓе. Ние сме подготвени да ја вратиме состојбата како што беше, а позитивна атмосфера има и кај македонската страна. Нашите одлуки ќе бидат согласно достоинството на државата, интересите на нашите граѓани и согласно добрите меѓусоседски односи“, изјавил косовскиот вицепремиер.




