Статистиките покажуваат дека јавното обвинителство и судовите ретко ги одбиваат барањата на полицијата која несомнено е главен актер во целиот систем. Полицијата не успева да открие ни половина од пријавениот криминал, но затоа огромен процент од сите од нејзина страна пријавени – бидуваат обвинети и осудени, се вели двомесечниот (Јули и август) извештајк на Трансперентност Македонија.
Тоа што можеби нема доволно докази или судењето не било сосема јавно и фер, судот кај обичниот криминал го компензира со благи казни (но , тоа не се случува со медиумски експонираните случаи, таму се покажува „цврста рака“!), стои во извештајот.
Како што наведуваат од Транспарентност Македонија недовербата на јавноста во системот се продлабочува со продолжувањето на неуставната практика на исклучување на јавноста од судските процеси секогаш кога се изведуваат докази добиени со т.н. „посебни истражни мерки“ или кога се испитува „заштитен сведок“.
Случајот со загинувањето на новинарот Никола Младенов никако да добие една јасна и општо прифатлива разрешница. Уште од самиот почеток овој случај е проследен со низа контроверзности и нејаснотии. Едноставно, институциите кои се задолжени за неговото истражување немаа логични одговори за серија суштински околности кои се поврзани со трагичниот настан. Веројатно свесни за мистеријата со која е обвиен овој случај, три месеци по настанот, првите луѓе на најпрозваните институции се решија на заедничка прес конференција да го објават конечниот заклучок – а тоа е дека станува збор за класична сообраќајна несреќа, предизвикана од невнимание на сега покојниот Младенов, се вели во извештајот на ТМ.
ТМ смета дека е крајно неодговорно тоа што правосудните и органите на истрагата не само што не расчистија повеќе дилеми поврзани со загинувањето на новинарот Никола Младенов, туку истите и ги продлабочија, со што оставија простор за натамошни нагаѓања и шпекулации за неговата смрт. Овие сомневања сега се обврзани со највисоките претставници на органите присутни на прес-конференцијата, што упатува на адресите каде во иднина ќе се расчистува овој сомнителен случај.
Владиниот проект за вработување на 1.600 лица во ЈП „Македонски шуми“ покажува тенденција на власта – својствена на комунизмот и планската социјалистичка економија – јавните претпријатија да се користат како средство преку кое Владата ќе го решава проблемот со невработеноста. Целите поради кои се основаат јавни претпријатија се јасно дефинирани во законот, а нивната улога е да обезбедат вршење дејности од јавен интерес. Еден од принципите врз кои почива Законот за јавните претпријатија е нивната пазарна ориентираност, со почитување на правилата на конкуренцијата на пазарот. Тоа подразбира оптимизирање на бројот на вработените во јавното претпријатие, со цел тоа да биде одржлив деловен субјект на пазарот.
ТМ ја повикува Владата на РМ да не ги компензира своите неуспешни економски политики кои не отвораат нови работни места во реалниот сектор со небулозни вработувања во јавниот сектор на државата. Крајно време е Владата да престане да ги користи јавните претпријатија и јавните установи за непродуктивно вработување на своите партиски членови, бидејќи овие субјекти одамна имаат сериозен проблем со превработеност и тонат во огромни долгови. Проблемот со невработеноста мора да се решава со
создавање на амбиент во кој приватното стопанство, а не јавниот сектор, ќе биде водечкиот фактор за позначајни нови вработувања, се наведува во дел од извештајот на ТМ.




