Кризата во односите со Косово покажува дека ДУИ не постои како политичка партија во власта, порача лидерот на ДПА, Мендух Тачи, на средбата што тој и претседателот на ДУИ, Али Ахмети, синоќа во Тетово ја имаа со амбасадорите на земјите-членки на ОБСЕ.
Во однос на последните проблеми во односите помеѓу Македонија и Косово, Ахмети рече дека Скопје и Приштина се во постојана меѓусебна комуникација и оти очекува многу скоро овој проблем да биде решен. За Тачи, јасно е дека проблемот ќе биде решен, но дека ДУИ не постои како политичка партија во власта.
Лидерот на ДПА порача и дека земјава има потреба од присуство на меѓународната заедница.
– Точно е дека нема ризици од можни конфликти во регионот, но меѓународната заедница треба да биде присутна тука за тие да нè научат на стандардите и на вредностите што сите се стремим да ги постигнеме – изјави Тачи.




