Прес конференцијата на советниците на ВМРО ДПМНЕ во Општина Центар, е само евтин и трагикомичен обид да се одврати вниманието на јавноста од воведувањето на полицискиот час во Скопје и на несразмерно големата полициска интервенција пред “Бристол“, бидејќи граѓаните се жалат дека полицијата сеуште е присутна во центарот на Скопје, реагираат од Општина Центар.
ВМРО – ДПМНЕ има најмалку право да обвинува за сомнителни набавки и тендери бидејќи ако во Македонија некој знае како се спроведуваат наместени, незаконски и фамилијарни тендери тогаш тоа е актуелната власт на чело со ВМРО – ДПМНЕ. Што се однесува на предлог одлуката за набавка на машина за одржување на чистотата, постапката се спроведува согласно законските прописи, реагира Центар.
Во соопштението се вели: Со противењето на советничката група на ВМРО – ДПМНЕ јасно се покажува дека советниците не се заинтересирани за одржување на чистотата и за еколошките проблеми на општината.
Јавните набавки на Општина Центар со доаѓањето на новото раководство се спроведуваат законски и транспарентно и ги покануваме советниците на ВМРО – ДПМНЕ, како и сите граѓани на сајтот на општината да следат како ќе се одвива оваа набавка.
Разлика во јавните набавки што ги спроведува актуелното раководство во Општина Центар и јавните набавки на ВМРО – ДПМНЕ се разликуваат, а тоа го потврдуваат многуте матни тендери. Набавката на автобусите е пример за наместен тендер.
Советниците од ВМРО – ДПМНЕ можат да ја прашаат министерката Гордана Јанкуловска како течеше набавката на автомобилите за полицијата која и самите ја поништија поради незаконитоста во постапката и наводниот хакерски упад за да може тендерот да го добие фирмата која тие ја сакаа.




