Најмалото предвеме родено бебе во земјава успеа да се избори за живот. Тој ја напушти Клиниката за гинекологија и акушерство каде четири месеци за него се грижеше стручен тим. Малиот Бетим е роден во февруари годинава, во 23 гестациска недела(5,5 месеци) со тежина од само 700 грама и 31 сантиметар.
Бетим е првото предвреме родено бебе што преживеало, а е родено 17. недели порано.
„Ова е најмалото предвремено родено бебе кое успеало да преживее во Македонија. Четири месеци престојуваше на Одделот за интензивна нега, од кои 2,5 месеци беше на апарат за дишење и си заминува жив и здрав со тежина од 2.450 грама. Борбата траеше долго. Интересно е што денеска кога го испраќаме Бетим дома, тој всушност требаше да се роди “, изјави д-р Лилјана Којиќ од Клиниката за гинекологија.
„БЕТИМ нашиот принц порасна! Една од на нашите големи љубови на ГАК денес си замина дома. Благодариме за сите боцкања, за сите фластери по раце, за сите цревца, за сите галења, за сите зборови, за сите песни, за сите надежи и енергија таму збрана уште еднаш најголемо од најголемите честитки и благодарност од целиот колектив на ГАК“, пишува на Фејсбук профилот на Клиниката за гинекологија.
Мината недела, од Клиниката за детски болести каде што на одделот за интензивна нега пресојуваат предвремено родени бебиња, дома беше испратено бебе родено во 27 недела со родилна тежина од само 500 грама.