Published: Friday, June 15, 2018 19:16
Драги мои Македонци,
Пишува Клеопатра Филипова
Во последно време се изнаслушав еден куп коментари во врска со името на нашата држава пред и по потпишаниот договор со Грција, кои ме принудија јавно да го изјаснам своето мислење и да дадам образложение за истото.
Јас сум Македонка, родена во Република Македонија, која го претставува северниот односно вардарскиот дел од распарчената Македонија. По потекло сум од јужниот, односно од егејскиот дел. Моите родители се родум од Костурската околија: мајка ми е од легендарното село Бапчор, за жал добро познато по доживеаната трагедија (бомбардирано, целосно спалено и засекогаш избришано од географската карта), а татко ми е од градот Рупишта, сегашен Аргос Орестикон. Токму поради оваа моја околност можам слободно да кажам дека го познавам одблизу македонскиот проблем со идентитетот, бидејќи ме придружува во текот на целиот мој живот.
Мислам дека името Република Македонија беше во извесен смисол дистинктив со самиот факт што пред Македонија стои Република. Сепак, новото име на државата “Република Северна Македонија„ не ништо страшно за нас, туку е еден вид прецизно именување на тоа што впрочем секогаш сме биле и сме. Имено, од Балканските војни досега, ние претставуваме само еден дел од Македонија, нам ни припаѓа само северниот дел.
Името Македонија може да се употребува само во случај ако ѝ се приклучат и другите два дела (кои се всушност поголемиот дел од распарчената држава): јужниот (егејскиот) и источниот (пиринскиот). Или ние си земаме за право да се наречеме Македонија не земајќи ги во предвид останатите интегрални делови. Дали воопшто некој размислил дека досега од наша страна биле сосема запоставени тие два дела? Дали воопшто некој си го поставил прашањето дека можеби сме ги запоставиле токму тие Македонци, особено од егејскиот дел, кои најмногу пострадале и сѐ уште страдаат; тие кои најмногу се жртвувале за македонштината, кои биле принудени да ги напуштат своите огништа и никогаш повеќе да не се вратат назад, само за да си го сочуваат идентитетот? Цел живот прогонети, цел живот измачени, натажени, распадени по светот далеку од своите сакани, или поточно од тоа што останало од нив, а сѐ уште не престануваат да се борат за своите права да се наречат македонци и да си го зборуваат слободно својот мајчин јазик, македонскиот.
Биле принудени од деца да се разделат од своите родители и да живеат во многу земји по белиот свет, секогаш со намера да се соберат еден ден со своите во милата Македонија. Со мака и труд научиле јазици, се образувале, ја челичеле својата личност и биле почитувани во земјите кои им дале поткреп и им помогнале да станат достоинствени граѓани.
А за трагедијата да биде поголема, најболното го доживеале токму кога се вратиле во Македонија, се разбира во вардарскиот дел (единствениот каде што слободно можеле да се изјаснат на свој јазик и да ја развиваат сопствената култура), каде наишле на потешкотии и презирања од своите сонародници. Егејчишта, сигурно сум дека тоа ви звучи доста фамилијарно.
Да егејците, во случајов се токму тие што најмогу имаат придонесено во историјата на Македонија. Токму од јужниот дел ни доаѓаат највисоките дострели на нашата историја. Без нив не би имале ни Кирил и Методиј, или од поблиските времиња Гоце Делчев, итн. Не сакам да ширам, вие добро ги познавате имињата кои се од големо значење во испишаната македонска историја.
Што би било со Македонија без нив? Би било добро да размислиме подлабоко и да знаеме да го цениме тоа што го имаме. Сега, кога станува збор за новото име, наеднаш излегоа толку многу патриоти кои се противат да го прифатат, а не разбирам зошто. Зарем досега не сме биле Северна Македонија? Зарем не сме го претставувале само северниот дел но без пишана географска придавка, или ние си земаме право да го носиме името Македонија, да ги претставуваме и останатите делови, а тие нека продолжат да се борат за своите права како Македонци надвор од државата.
Дали некој се погрижил за нив? Дали некој од вардарските македонци се замислил дека тие единствено можат, барем досега, да зборуваат македонски само дома, а дека не можат сѐ уште да се школуваат на свој јазик туку се школуваат во грчки училишта? Но тие ја продолжуваат борбата сѐ додека не си ги постигнат своите барања. Па сега ние, патриотите од Вардарска Македонија, кои живееме на местата кајшто сме се родиле, си го зборуваме мајчиниот јазик од кога сме се родиле, се школуваме на македонски и секогаш сме растеле на свое тло, ќе им продаваме патриотизам на тие што никогаш не можеле да ги уживаат тие права?
Смешно ми е дури и со самата помисла да се споредам со нив, иако сум од егејско потекло. Јас можам слободно да кажам дека се чувствувам привилегирана, благодарение на моите родители, кои ми овозможиле да не ја доживеам нивната судбина. Тешка, трагична судбина, која ми е многу позната и која постојано ме придружува и ме потсеќа дека треба да бидам многу благодарна и дека треба да се трудам да го ценам тоа што го имам.
Со кое право некој може да се смета папок на светот и да може да одлучува за сите. На овој начин нема да постигнеме ништо друго освен да продолжиме да бидеме шупак на светот. Решиле дека нашата држава треба да се вика Република Македонија, и покрај тоа што ѝ недостига поголемиот дел, а згора на тоа и не дозволуваат да се промени името зашто се сметаат дека се сопственици на сѐ што е македонско. А тие на југот и на истокот нека си тераат како досега! Што ни е гајле, кој ги прашува нив, ќе правиме што си сакаме, ние сме Македонија а тие се само делови оставени во заборав.
Не Господо, нашава Македонија е Северна Македонија. Би сакала да не биде така, би било прекрасно да сме сите споени во едно, ама тоа е веќе премногу за денеска. Треба да си ја пружиме шансата да излеземе од овој ќорсокак, да почнеме да се развиваме како нормална земја, без ембарга од никаков вид, и да им дозволиме на нашите деца да можат да се образуваат и да живеат како граѓани од прв ред во земја признаена од сите држави на светот. Не сакаме повеќе македонски иселувања, не сакаме повеќе голготи! Доста веќе со докажување кој сме и што сме.
Ние тоа добро го знаеме, но би било добро да им дозволиме и на другите да не запознаат и да не ценат. И ве молам престанете веќе да зборувате за Александар Македонски! Да, тоа звучи доста егзотично и интересно, ама ние сме словени, луѓе! До кога ќе се бавтаме со тие стари приказни. Да си ја негуваме нашата историја без филување и да докажеме дека сме доблесен народ кој знае што сака и кој цврсто си ги зацртал своите цели да биде дел од едно цивилизирано општество со прогресивни идеи во склоп на меѓународните институции.
Сосема го прифаќам предлогот РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА и верувам дека ќе ни помогне за подобра иднина. Ова е единственото име од сите досегашни предлози кое најмногу ни одговара од секоја гледна точка. Нова Македонија го отфрлува сето наше минато, исто како и Илинденска, која не престставува како држава од почетокот на ХХ век. Затоа бев цврст противник на оваа варијанта. Горна Македонија е ужасно име, зашто за да постои горна треба да има долна. Што правиме тогаш со Пиринска Македонија, како ќе ја наречеме, Странична? А за превод на други јазици и да не зборуваме!
Северна Македонија е најдоброто решение и кое најпрецизно не претставува. Би било подобро да се молиме да биде прифатено ова име на референдум, а особено да биде ратификуван потпишаниот договор од страна на Грција, инаку тешко нас. Во спротивно, единственото што ке ни остане и понатаму ќе бидат нашите секојдневни меѓусебни расправии за тоа кој сме што сме, додека другите одат напред. Ама такви сме ние Македонците, навикнати сме постојано да се жалиме, ако нема никаков проблем ќе си го измислиме.
Нека не не загрижува толку името кое впрочем не детерминира, туку нека не загрижуваат повеке други проблеми, како на пример двојазичноста. Во Америка над 30% зборуваат шпански, ама шпанскиот не е втор официјален јазик во земјата, а ние кои сме поголеми паписти од Папата, на два милиони луѓе, без направен попис на населението, си дозволуваме да прогласиме два официјални јазици. Браво. Кој е како нас?! Пример сме во светот, ама на наша штета. Па затоа толку убаво ни оди. Токму заради тоа, да не си забиваме колци на тркалата и да тргнеме нанапред, инаку не знам како ќе можеме да се оправдаме пред нашите деца и внуци.
Ви посакувам добар разум и среќна иднина.
*Клеопатра Филипова е филолог и преведувач
НОВАТВ го отвора својот простор за полемика со ставови и мислења во врска со постигнатиот Договор меѓу Македонија и Грција. Овој став е во прилог на аргументиранаta дебата што би се отворила без разлика на позициите. Ќе бидат објавени сите ставови и мислења кои имаат намера да бидат дел од контрултивна расправа. Ставовите и мислењата можете да ги испраќате на нашата и мејл адреса tvnovaweb@gmail.com




