Триесетина луѓе со посебни потреби од Заводот за рехабилитација во Бања-Банско бараат да им се врати правото на паричната помош од 7000 денари кои ја добиваа за мобилност, а им беше укината со последните измени на Законот за социјална заштита. Станува збор за млади луѓе кои се врзани за инвалидските колички, со тежок физички инвалидитет или се слепи, а паричната помош ја добиваа за да можат да излезат надвор од установата, за социјализација и инклузија во надворешниот свет. Меѓу нив е Розе Мојсовска, девојката која слика со уста бидејќи нема раце, а ја преставува Македонија на меѓународни ликовни колонии и манифестации.
-Зарем е праведно да не ограничуват нас, лицата со посебни потреби. Мобилноста која ја примавме беше прозорец кон светот, движење кон хоризонтот. Додатокот за мобилност ни ги заменуваше очите и нозете, имавме можност еднаш или два пати во месецот да излеземе во градот кој е оддалечен петнаесет километри. Ние кои сме во количка ни е потребна помош од друго лице, не можеме да се возиме во автобус. За такси и за друго лице кој што ќе ни помогне за да се транспортираме тоа чини најмалку 1.000 денари. А, каде се другите основни работи, како облека, лекови, и други неопходни работи кои му требаат на еден човек реагираат штитениците од Заводот во Бања-Банско.
Откако државата им го укина правото на паричен надоместок, во Заводот владее страв. Ниту еден од овие луѓе несмее јавно да зборува за проблемот, бидејќи како што тврдат нашите соговорници кои од оправдани причини сакаат да останат анонимни, раководството им се заканувало дека ќе ги избркаат од таму, доколу јавно побараат да им се врати правото на парична помош. Надоместокот е укинат со измените на законот кои беа донесени во мај. Но, она што посебно фрапира е информацијата дека оние што добиле паричен надоместок во јуни по грешка на институциите, сега треба да ги вратат парите назад на државата.
-Оставени сме на милост и немилост. Сега уште треба да и ги враќаме парите. Ние сами купуваме делови за нашите инвалидски колички, штрафови, гуми, со тие пари одевме и на лекар, купувавме средства за лична хигиена велат за НОВА, корисници на услугите на Заводот.
Според информациите на НОВА во Заводот престојува девојка која студира, а надлежните и сугерирале дека на неа не и треба факултет и дека нема потреба да ја носат на предавања.
Таму исто така престојуваат и тројца средношколци. Корисниците на услугите на Заводот велат дека со оваа одлука луѓето кои се врзани за количка ќе останат изолирани, надвор ќе излегуваат само тие што се повеќе подвижни. Тие не примаат паричен надоместок за нега од друго лице, а многу мал дел од нив имаат семејна или инвалидска пензија. Тие во неколку наврати писмено се обратиле до надлежните, да ја повлечат одлуката.
– Би сакале да ве замолиме да размислите за спроведувањето на овие измени , бидејќи со тоа нас повозрасните „количкаши“ целосно не деградирате и изолирате. Тоа што сме народски кажано без нозе и раце, незначи и дека сме ретардирани и немаме потреба од нормална комуникација со пријатели, да се дружиме, духовно нахрануваме, посетувајќи ги културните институции и настани во градот велат тие, во својата реакција до Министерството за труд и социјала.
Во одговорот на Министерството за социјала, децидно се вели дека со последните измени на Законот, овој паричен надоместок не им следува на луѓето кои се сместени во институции, туку само на тие кои престојуваат во своите домови, а се исто така со тежок инвалидитет.
Основната цел на овој додаток е да обезбеди создавање на услови за изедначување на можноста за вклучување во секојдневниот живот во заедницата на потполно слепите лица и на лицата со 100 % телесен инвалидитет кои што самостојно користат инвалидска количка, односно овој додаток е предвиден само за лицата кои што живеат во својот дом и на кои што им е потребна дополнителна поддршка за социјализација и интеграција во локалната заедница се вели во одговорот од ресорното Министерство.
НОВА го запраша и Бранимир Јовановски, претседател на Националниот сојуз на телесни инвалиди „ Мобилност- Македонија“, дали прават нешто за да ги заштитат правата на нивните членови.
-Ние остаривме контакт со министерот Спасовски пред два месеци. Во преговори сме и очекуваме проблемот да се надмине. Од друга страна, сметаме дека кога веќе им е укинат паричниот додаток на овие луѓе, државата треба да им обезбеди организиран транспорт за да можат да излезат од Заводот изјави за НОВА, Јованоски.
Но, луѓето кои ја изгубија паричната помош, ја изгубија и надежта. Не веруваат дека Сојузот ќе го реши проблемот бидејќи одлуката е внесена во Законот, а тие се оставени без парична помош веќе петти месец. Сместени во институција која е одалачена 15 километри од градот, изолирани меѓу четири зида во своите соби ,сега единствена разонода им е интернетот. Розе Мојсовска пак, која во Заводот е многу години наназад, каде што активно слика, во иднина нема да може да си купи ниту платно, ниту бои за да може да не воодушевува со своите слики направени со уста.