Под покровителство на Европската Унија, преку Европскиот инструмент за демократија и човекови права, на утрешниот Меѓународен ден на демократијата, граѓанската асоцијација МОСТ ќе организира отворени настани во пет градови низ Македонија, на кои младите ќе можат да се информираат за предностите кои ги носи граѓанскиот активизам.
Преку промоција на кампањата „Вклучи се, ако си исклучен!“, тие ќе имаат можност да се запознаат со своите демократски права и можности во општеството во кое што живеат.
Во Скопје, активностите во организација на граѓанската асоцијација, ќе се одржат во Луна паркот со почеток во 11 часот, во Тетово пред пицеријата „Форум“ од 13.30 часот, во Охрид пред Чинарот во 18 часот, во Прилеп на главниот плоштад со почеток во 12 часот и во Гевгелија пунктот на МОСТ ќе биде поставен пред маркетот „Тедико“ со почеток во 17 часот.
Кампањата на МОСТ се спроведува како последица на непознавањето на младите гласачи за теми поврзани со изборите, како и нискиот степен на нивно учество во демократските процеси, како и недостатоците во формалното образование за соодветно информирање на младите гласачи.