Шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас денеска во Псарадес ги ставија своите потписи на договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратегиско партнерство, во присуство на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, јави известувачот на МИА.
Со договорот е предвидено ерга омнес име за земјава, Република Северна Македонија.
На свечената церемонија присуствуваат и високи претставници на меѓународната заедница, медијаторот на ОН во решавање на спорот, Метју Нимиц, потсекретарката за политички прашања на ОН, Розмари Ди Карло, високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ и заменик-претседателка на ЕК, Федерика Могерини, како и комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на ЕУ, Јоханес Хан.
Во македонската делегација освен премиерот Заев и шефот на дипломатијата Димитров, беа и вицепремиерите – министерката за одбрана Радмила Шекеринска Јанковска, министерот за европски прашања Бујар Османи и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Официјалната средба на двете делегации ќе продолжи на македонска страна на Преспа, во Отешево, каде што ќе има билатерален разговор и свечен ручек.




