Метју Нимиц, специјалниот претставник на Обединетите нации кој беше медијатор во решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција од 1999 година изјави дека „спогодбата е во стратешки интерес на двете земји“.
„ Да се најде решение за овој проблем, бара мудро лидерство, дипломатски вештини и стратешка визија и овие лидери покажаа дека ги поседуваат овие квалитети. Сите овие карактеристики ги имаат овие четворица лидери, а тое е ретко и сите треба да бидеме горди на ова. Работејки долги години на ова прашање, верувам дека овој договор е во стратешки интерес на двете земји и ми беше чест што бев медијатор и што можам да посведочам на потпишувањето. Се работеше за долг тежок процес кој резултираше со спогодба која е правична, чесна и спроведлива и која ќе служи како пример за регионот, за Европа дека два соседи можат да решат проблем ако се заложат“ рече медијаторот Метју Нимиц, по потпишувањето на Договорот во Псараедес.
Медијаторот кој денеска слави 79 роденден, исто така додаде дека „на семејство му кажав дека оваа година не сакам подароци за роденденот, оти двајцата премиери ќе ми дадат голем подарок“.
Нимиц рече дека и неговата работа е завршена, но допрва ги чека тешка задача четворицата лидери кои треба да го имплементираат договорот и да ја продлабочат сорабоката меѓу двете земји. „Сигурен сум дека одлично ќе ја завршат работата„ кажа Нимиц.
Спорот меѓу Македонија и Грција трае три децении. Пред Нимиц, посредник во спорот за името беше Сајрус Венс.
Договорот насловен како „Конечна спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 и 845 на Советот за безбедност на Обединетите нации за престанување на важноста на Времената спогодба од 1995 и за воспоставување стратешко партнерство меѓу страните“ го потпишаа министрите за надворешни работи на Грција и на Македонија Никос Коѕијас и Никола Димитров.
Со договорот името на земјата ќе биде Република Северна Македонија со превод на сите јазици, за севкупна употреба и ќе се прецизира со амандман во Уставот, јазикот е македонски без фуснота и е потврден од ОН, а националност – македонска/граѓани на Северна Македонија (Macedonian/Citizens of North Macedonia).