“Клучните работи од извештајот на комисијата се препораките, а целта која јас ја гледам со донесувањето на извештајот е да се осигураме дека настаните кои ги видовме на 24 декември на нашите телевизиски екрани, нема да се повторат. И дека постои напор од политичките лидери на сите партии да направат сè што можат за да ја научат лекцијата од 24 декември”, вели британскиот амбасадор во земјава Кристофер Ивон, во интервју за Радио Слободна Европа.
Што се однесува до опасноста за Македонија да ја изгуби препораката за почеток на преговорите со Европската унија, Ивон вели:
-Се надевам дека тоа нема да се случи. Теоретски е возможно да не се повтори препораката за некоја земја, но не знам за таков случај со некоја земја која минува низ процесот на пристапување. Тоа би било голема работа, досега невидена и се надевам дека Македонија нема да ја видиме во таа категорија.
Ивон предупредува за ризиците од најавата за можни предвремени избори во земјава, иако опозицијата барем засега категорички ги отфрли:
-Не е Британија таа што треба да се меша и да им кажува на другите земји кога треба или не треба да имаат избори. Тоа е работа на политичарите и Парламентот во Македонија.
Всушност она што ние го направивме во Британија по изборите во 2010 е тоа што донесовме закон кој го фиксира мандатот на нашиот Парламент, значи ние всушност бегаме од можноста да се има предвремени избори во системот на Обединетото Кралство.
Луѓето тука треба да решат колку често треба да се случуваат избори тука, но ако на пример јас бев инвеститор или бизнисмен, ќе морав да ги разгледам опциите за стабилност и можни ризици. Знак за стабилност може да биде кога еднаш избрана влада ќе го истера целиот мандат. Мислам дека тоа се прашања за политичарите, но секако дека можам да ги видам придобивките од обидот да се избегнат повторени и чести избори, вели британскиот амбасадор во интервју за Радио Слободна Европа.




