Советот на јавните обвинители на Република Македонија на денешната седница избра јавни обвинители на повеќе јавни обвинителства.
За виш јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Штип е избран Тодор Витларов.
Први луѓе на обвинителствата добија Основното јавно обвинителство – Скопје – Сашо Рајчев, ОЈО Куманово – Теута Бедиу Рамадани, ОЈО Охрид – Зоран Митрески, ОЈО Дебар – Неат Црој, ОЈО Кичево – Манка Јаневска, ОЈО Кочани – Борче Јанев, ОЈО Гостивар – Башким Хисени и ОЈО Ресен – Реџаил Шерифовски, се наведува во соопштението од Советот на јавните обвинители.
Советот на јавни обвинители денеска, наместо да избере јавни обвинители, само назначи вршители на должност во основните обвинителствата во Велес, Струга и во Битола.
Така, за вршител на должност јавен обвинител на ОЈО Велес е избрана Гордана Тодорова, за вршител на должност јавен обвинител на ОЈО Струга е избран Стојанчо Арнаудоски, а за вршител на должност јавен обвинител на ОЈО Битола е избрана Лиле Талевска.
Од избраните обвинители најзвучни се имињата на Тодор Витларов и она на Сашо Рајчев.
Тодор Витларов е долгогодишен јавен обвинител во Штип и вондреден професор по казнено право на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Последен пат името на Витларов беше актуелно во медиумите кога во негово време како претседател на Комисијата, за професор на истиот универзитет беше избран Јован Илиевски поранешен шеф на Обвинителството за организиран криминал, сега судија во Европскиот суд за човекови права избор на професори. Инаку, Илиевски е баџанак на екс началникот на УБК, Сашо Мијалков. Во периодот од 2008 до 2011 година, Витларов беше член на Советот на јавни обвинители.
Сашо Рајчев до сега беше вршител на должност на скопското јавно обвинителство а во јавноста е познат по тоа што работеше на истрага по кривична пријава за евентуални фиктивни донации во ВМРО-ДПМНЕ. По две години истрага, Рајчев ја отфрли кривичната пријава против ВМРо-ДПМНЕ.
Советот на јавни обвинители неколку пати го одложуваше изборот на овие обвинители а денеска не соопштија зошто не се избрани јавни обвинители во едни од најголемите и најважни, Вишото јавно обвинителство Скопје, Вишото јавно обвинителство Гостивар, на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција како и на Основното јавно обвинителство Кавадарци.
„Изборот на овие обвинители ќе се изврши на една од наредните седници на Советот“, кусо образлагаат во соопштението од Советот на јавни обвинители.




