Во Собранието денеска политичките партии го потпишаа Меморандум за исполнување на стратешката цел на Република Македонија за членство во Европската унија.
Како што изјави за НОВА, Павле Трајанов, лидерот на Демократскиот сојуз, тоа што лидерите на парламентарните партии не дошле на потпишувањето е сигнал дека тие не и придаваат доволна важност на евроинтегративните процеси на Македонија.
Меморандумот е обврска од провомартовскиот договор меѓу партиите потпишан во присуство на претставници на ЕУ со цел продлжување на меѓупартискиот дијалог.
Партиите потписнички на документот се обврзат континуирано и без одлагање, во рамките на институциите, да ги спроведуваат сите активности и реформи потребни за исполнување на критериумите за членство во Европската унија, односно, ќе обезбедат конструктивна поддршка.
Ќе се воздржат од дејствија и активности кои може да го попречат или негативно да влијаат на пристапниот процес, притоа, несогласувањата или различните мислења ќе се надминуваат со меѓусебен дијалог во рамките на институциите, пред се во Собранието на Република Македонија.
Меморандумот не го потпиша ЛП и ДПА. Според ЛП, Меморандумот би имал смисла само ако на дневен ред на собранискат седница се најде Платформата за интеграции и решавање на спорот со името. „Во Македонија се потпишани бројни документи на партиите кои повикуваат на интегрирање на земјава во ЕУ и НАТО. Оттука сметаме дека потребни се конкретни чекори. Еден од нив е Платформата за интеграции и решавање на спорот со името.
– На јавноста и е познато дека Платформата ги вклучува аспирациите на граѓаните за интегрирање во ЕУ и НАТО, досега истакнатата политичка волја на партиите и потребниот институционален пристап во оваа насока. Платформата ја предложи ЛП до Собранието, но до денес, еден месец од поднесувањето, не е ставена на дневен ред“, велат од ЛП.




