Европската Унија е поделена околу тоа дали да започне преговори за членство со Албанија и Македонија, додека анти имиграциски чувства се будат во регионот, но НАТО е подготвено да го пречека Скопје во Западната воена алијанса – пренесува „Ројтерс“.
Со широка поддршка за почеток на преговори за членство од другите влади од ЕУ членките и Европската комисија, Албанија и Македонија се надеваат дека европските министри ќе се согласат на состанокот во вторник во Луксембург, со што ќе се расчисти патот за одобрување од лидерите на ЕУ владите на самитот во четврток.
Како и да е, Франција и Холандија, со поддршка од Данска, се воздржани и бараат понатамошни услови како што се реформи за сузбивање на корупцијата и организираниот криминал во Албанија и Македонија.
Откако Македонија и Грција го решија спорот стар со децении, околу прашањето за името, кој го блокираше процесот за зачленување во ЕУ, отворањето на преговорите би бил јасен чекор кон обидот да се обнови проширувањето со шест западно балкански земји по години занемарување на регионот.
Секретарот на НАТО, генералот Јенс Столтенберг рече дека Алијансата најверојатно ќе го одобри почетокот на преговорите за членство на Македонија на самитот во јули. Албанија веќе е дел од НАТО, и членството се покажа како основа за зачленување во ЕУ.
– Јас очекувам и се надевам дека лидерите на земјите и владите ќе се согласат за почеток на преговори за членство – рече Столтенберг, при пристигнувањето на состанокот со министрите за одбрана и надворешни работи на ЕУ, во Луксембург.
Тој рече дека договорот со Грција за промена на името на Поранешна Југословенска Република Македонија во Република Северна Македонија е „еден историски договор кој покажува историска шанса“ за Скопје да се зачлени во НАТО.
Францускиот претседател Емануел Макрон рече во Европскиот парламент во април дека тој не може да го поддржи проширувањето на ЕУ без повеќе домашни реформи во регионот, и дипломатите велат дека француските позиции се уште не се променети.
Други дипломати велат дека загриженоста за мигрантите е суштинска.
– Реформите се очекувани пред да се отворат преговорите бидејќи ние имаме високо ниво на барања – велат француски дипломатски извори.
Франција и Холандија во мај испратиле до ЕУ владите документ во кој велат дека недостатокот на правосудни реформи, корупцијата и организираниот криминал се причините зошто Албанија и Македонија не се подготвени за почеток на преговори за членство во ЕУ, според дипломатите.
– Според нив, условите за отворање на преговорите за членство не се исполнети – вели европски дипломат.
Според дипломатските извори, Макрон е загрижен дека почнувањето на преговори за членство со Албанија и Македонија ќе падне во рацете на крајно десно ориентираните политичари кои добиваат поддршка со популистички повици за запирање на миграцијата – вклучително и од релативно сиромашните источно европски членки кон попросперитетните западни земји членки.
– Макрон чувствува дека ова го отвора крилото на политичката десница поради репутацијата за организиран криминал во Албанија. Тие не сакаат да го отворат ова пред европските избори следната година – вели ЕУ службеник кој побара да не му биде откриен идентитетот, реферирајќи на гласањето во Европскиот парламент следниот мај.
Промена во Германија
Жан Клод Јункер кој ги посети Албанија, Босна, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија во март, предупреди дека Балканот би можел да се врати кон војната доколку не му се даде надеж за зачленување.
Шесте земји, сите освен Албанија, произлезени од распадот на Југославија, се сметани за идни членки.
Британското заминување од ЕУ, и стопираното турско зачленување, ја поттикнаа Комисијата да предложи интензивирање на пристапните преговори со земјите од Западен Балкан, иако дури и најнапредните аспиранти, Србија и Црна Гора, најрано ќе добијат членство во 2025 година.
Додека Германија ја дели загриженоста со Франција за тоа дали треба да започнат пристапните преговори со Албанија и Македонија, канцеларката Ангела Меркел одлучи да го поддржи проширувањето поради геополитички причини и поради пресретнување на порастот на руското и кинеското влијание во регионот.
– Франција треба да ја види стратешката димензија на приближувањето на земјите од Западен Балкан кон ЕУ – вели германски владин извор за Ројтерс. „Ние велиме дека отворањето на разговорите не е завршница на пристапните преговори“.




