Петнаесетмина кои вчера беа уапсени во полициската акција „Шпион” поради сомнение дека се бавеле со шпионажа, уцена и измама денеска рано утрото беа изведени пред истражен судија.
Се очекува во текот на денот да биде познато кому и дали на некој од осомничените ќе им биде одредена мерка притвор.
Во акцијата „Шпион“ на која МВР работела две години инволвирани се 22 лица, вчера беа приведени се 17, а двајца од нив беа пуштени на слобода.
Покрај Борис Дамовски, кој доцна синоќа беше ослободен, денеска на слобода е пуштен еден од двајцата вработени во УБК.
МВР трага по уште тројца осомничени, а двајца веќе излежуваат казна затвор.
Дел од осомничените, според сознанијата, обезбедувале податоци за лица од јавниот живот и бизнис-заедницата и со закани изнудувале пари.
Меѓу приведените има двајца вработени во Агенцијата за разузнавање, еден во Собранието, актуелни и поранешни вработени во МВР, во одбраната, Државниот архив, Управата за финансиско разузнавање, но и сопственици и вработени во приватни фирми.
Полицијата пронашла 16 парчиња оружје и 27 лап-топови и персонални компјутери, како и 32 мобилни телефони, УСБ-а и мемориски картички.
Како што објави НОВА, во акцијата Шпион, уапсен е и Мичо Насковски, екс-генерален директор на Бетон. Ване Цветанов, екс директор на Агенција против перење пари, генерал Горан Стојков и Аце Диневски поранешен функционер од Агенцијата за разузнавање се останатите уапсени во оваа полициска акција.
Полицијата ги приведе и режисерот Борис Дамовски, авторот на анимираниот сатиричен филм „Еднооки“ кој доцна синоќа беше ослободен. Приведен е Марјан Маџовски, шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието на РМ од 2005 година, потоа едно лице припадник на цивилната служба на МО, кој бил вработен во Секторот на човечки ресурси.




