Владата на Република Македонија не ги исполнува минималните стандарди за елиминирање на трговијата со луѓе во целост, пишува меѓу другото во најновиот Годишен извештај за трговија со луѓе што го објави американскиот Стејт Департмент.
„Владата на Македонија не ги исполни минималните стандарди во неколку клучни области. Владата идентификуваше шест жртви и осуди еден трговец со луѓе, судиите продолжија да издаваат слаби казни, а агенциите за спроведување на законите немаа доволен персонал за да спроведат соодветни проактивни истраги. Владата воедно го намали целокупното финансирање за заштита на жртвите, и не додели грантови на невладини организации за борба против трговија со луѓе, и покрај тоа што невладините организации идентификувале и помагале на бројни потенцијални жртви – идентификувани во текот на годината. Корупцијата и официјалното соучество во кривичните дела на трговија со луѓе, и натаму претставуваат значителна загриженост. Владата обвини државен службеник за соучество во 2017 година, но нема поведено судска постапка против владин претставник за соучество, и тоа во неколку истраги што ги иницираше во последниве години“, пишува меѓу другото во Извештајот.

Според Стејт Департментот, македонската влада покажала зголемени напори во обука на луѓето директно инволвирани и „одговорни за идентификација на жртвите и работа со локалните власти за воспоставување на локални акциони планови за борба против трговијата со луѓе“.
Оттука, Владата, се наведува во извештајот, формирала работна група за борба против трговија со луѓе, реактивирајќи ги мобилните тимови за идентификација во четири региони, а испратила и социјални работници одговорни за спроведување на проактивна идентификација на жртвите на граничните премини и кампови за мигранти и бегалци.
Во рамки на препораките за справување со проблемот, во Извештајот се наведени енергични истраги, судски гонења и осуди за трговците со луѓе, вклучувајќи ги и официјалните лица – соучесници. Меѓу останатите препораки се и „распределување на доволно ресурси и персонал во полициски единици за борба против трговија со луѓе за проактивно испитување на појавата; а тука е и обезбедувањето на напредна обука за судиите, обвинителите и вработените во агенциите за спроведување на законот“.
„Владата ги одржуваше напорите за превенција на трговијата со луѓе“, вели Стејт Департментот. Националната комисија која ја чинат владини агенции, меѓународни и невладини организации, се состануваше редовно и објавуваше Годишен извештај за своите активности. Владата во јули, 2017 година, назначи нов Национален координатор кој ја предводеше Националната комисија и ги координираше напорите за борба против трговијата со луѓе. Сепак, надлежните веќе трета година по ред, немаат изготвено јавна проценка “, е потенцирано во документот.
На крајот, Стејт Департментот заклучува дека „како што беше објавено во изминатите пет години, Македонија е извор, транзитна и земја-дестинација за мажи, жени и деца, подложени на трговија со луѓе и принудна работа. Жените и девојките во Македонија се подложени на принуден секс и принудна работа во земјата, и тоа во ресторани, барови и ноќни клубови. Најчесто, жртвите кои биле предмет на трговија заради сексуални услуги во Македонија, се од Источна Европа, особено од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Романија, Србија и Украина“.




