По повод извршената акциска контрола во угостителски објекти во Скопје ноќта помеѓу 30 јуни и први јули на 1 јули , здружението „Хорекаши“ преку соопштение до јавноста побара одговори од надлежните институции дали е запазена законската процедура за инспекциски и полициски надзор.
Ова здружение поднело барање до Инспекцискиот Совет, МВР, Државниот инспекторат за труд, УЈП како и до Државниот пазарен инспекторат.
Со него се бара да им бидат доставени сите документи и преписки со кои институциите беа вклучени во координирата полициска акција и здружен инспекциски надзор во присуство на единиците на ЕБР, со сите инспекциски служби.
„Со ова сакаме да ја известиме јавноста, дека Здружен инспекциски надзор согласно со пропишаните закони смее и може да организира само Инспекцискиот Совет. Здружениот инспекциски надзор само во случај на попречување на вршење на инспекцискиот надзор, смее да побара асистенција од МВР. Комуникацијата помеѓу Инспекциските органи и МВР се одвива по писмен пат“, се наведува во соопштението.
Здружението „Хорекаши“ прашува дали која било од инспекциските служби била попречувана во инспекцискиот надзор, дали инспекциските служби поради евентуалното попречување писмено се обратиле до МВР со барање за полициска асистенција, дали МВР писмено одговориле на инспекциските служби? Од таму уште прашуваат дали МВР има испоставено фактура до инспекциските служби за дадената услуга.
Во саботата вечерта полициски службеници упаднаа во неколку ноќни клубови во Скопје. Дел од нив, револтирани од односот на полицијата објавија реакции на социјалните мрежи.
По тој повод министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, рече дека полицијата не употребила сила, а акцијата била спроведена според прописите и правилата.




