Европската комисија информираше дека комесарот за проширување Штефан Филе, на денешната средба на Колеџот на комесари во Брисел ги известил своите колеги дека Директоратот за проширување на Европската унија ги финализира извештаите за напредокот на земјите-кандидати и потенцијални кандидати за членство во ЕУ, што Комисијата ги објавува еднаш годишно, јави дописникот на МИА од Брисел.
Филе на својот профил на социјалната мрежа „Твитер“ посочи дека „денешната дебата на Колеџот на комесари во однос на подготовките за октомвриските пакети за проширување, ја покажале важноста која Европската комисија и ја придава на политиката на проширувањето”.
Во исто време, информирајќи за резултатите од редовната средба на еврокомесарите, портпаролката на Европската комисија, Пиа Ренкилде-Хансен на денешниот редовен брифинг со новинарите истакна дека извршниот орган на Унијата бил информиран за подготовката на извештаите за напредокот кои официјално треба да ги усвои ЕК, а Филе ќе ги објави на 16 октомври.
– Ги финализираме извештаите и комесарот Филе ги извести своите колеги како се одвиваат работите, соопшти извор од канцеларијата на еврокомесарот за проширување.




