Унгарската разузнавачка служба била главен клиент на осомничените за шпионажа иако се споменува и грчката и руската служба, објавува Канал 5.
Документи и извештаи со разузнавачки информации кои имале дури и кодни имиња биле препраќани до странските служби преку специјален сателитски систем.
Уценувани биле повеќе јавни личности.
Според информациите до кои до сега дошле органите на прогонот еден познат бизнисмен одбил да даде голема сума на пари која дел од осомничените му ја барале. Во спротивно дел од осомничените му се заканувале дека ќе објават текстови за спорна приватизација на една од неговите фирми.
Друг бизнисмен, и поранешен политичар кој одамна е надвор од Македонија, добил абер во Белград да исплати 200 илјади евра за да не излезат некои информации и за него.
Меѓу личностите кои биле на мета на групата се споменува и еден доктор и еден актуелен функционер и поранешен директор на државна агенција.
Според информациите од првичната истрага осомничените од државниот Архив добиле 3 копии од досиеја.
Едното е на поранешен функционер кој од пред неколку месеци се наоѓа во притвор за друго дело.
Другиот е за одамна починат политички емигрант.
За третиот иако досието не било предмет на лустрација му барале 30 илјади евра и му се заканувале по живот: Твојот кодошки живот вреди 30 илјади евра или ќе умреш како куче. Ако пријавиш ќе почнеме од жена ти па се по ред. Купи си го гревот до недела, била една од пораките кои стасале до оштетениот, објавува канал 5.




