Пратеничката на грчката опозициска партија Демократска левица, Марија Јанакаки по еден месец доби одговор на нејзиното пратеничко прашање дали владата планира да ги казни оние кои малтретираат македонски граѓани и ги оштетуваат нивните возила на грчката граница. Јанакаки во грчкиот парламент истакна дека членови на неофашистичката Златна зора вршат недозволени контроли и дистрибуираат расистички и националистички материјали.
Министерот за надворешни работи Евангелос Венизелос и одговори дека се работи за изолиран инцидент кој грчката влада не го одобрува. Но, Венизелос ја обвинува македонската влада и провладините медиуми дека создаваат националистичка и непријателска клима кон Грција. Министерот за цивилна заштита Никос Дендиас одговорил дека на 21 јули на двата гранични премина кон Македонија се одржале собири на политичка партија, но немало нарушување на јавниот ред и мир.
Македонското МНР со вербална нота во јули реагираше до Атина заради зачестените оштетувања на возила на македонски граѓани во Грција.




