Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска целиот свој имот и имотот на нејзиниот сопруг како и настанатите промени во нивната имотна состојба ги има ажурно пријавувано во Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), соопшти оваа институција.
Оваа реакција доаѓа по информациите за обвинувањата на СДСМ, за зголемување на имотот на Јанкулоска за 200.000 евра со купување станови од 2006 година кога стапи на функцијата.
Според Корупциската комисија, од увидот направен во анкетниот лист произлегува дека Јанкулоска во 2006 година од кога е на функцијата министер, пријавила стан во вредност од 50.000 евра стекнат пред стапување на функцијата.
„По 2006 година тој стан е продаден, а во истиот период Јанкуловска и Илиевски имаат подигнато кредити и заем во вкупен износ од 100.000 евра. Со средствата од кредитите и од продадениот стан имаат купено два стана во вкупна вредност од 140.500 евра, за што во пријавените промени во анкетниот лист се приложени и купопродажните договори, како и договорите за подигнатите кредити. Очигледно дека не се работи за станови во вредност од 200.000 евра стекнати преку плата, туку становите се купени со долгорочни кредити на сопружниците добиени под редовни банкарски услови“, се вели во соопштението на ДКСК.



