„Поканата останува отворена и кога ќе се реши спорот околу името, НАТО не е вклучен во тој спор, тоа е исклучиво билатерално политичко прашање кое треба да се реши. НАТО не се меша во внатрешната политика на државите – членки и не ја коментира внатрешната политика“, изјави помошник генералниот секретар на НАТО за јавна дипломатија Колинда Грабар Китаровиќ, по денешната средба со минситерот за одбрана Талат Џафери.
НАТО, потсети таа, е сојуз од 28 суверени држави членки, кои функционираат врз основа на начелото на консензус. Тоа значи дека сите држави мора да се согласат односно ниту една не може да биде против која било одлука, смета Грабар Китаровиќ.
– Во овој случај ние ќе го поздравиме решението кое ќе го постигнете во договор со соседната држава, одговори Грабар Китаровиќ на новинарско прашање како Алијансата со конкретен механизам или јавна дипломатија може да и помогне на Македонија да ја надмине блокадата од една земја – членка, со оглед на фактот дека земјата веќе одамна ги има сиполнето во целост сите критериуми за полноправно членство.
– Ве охрабрувам да го искористите времето и процесот и да продолжите со реформите во одбраната, со тоа што ќе ги направите вашите трупи пораспоредливи и поинтероперативни и ќе продолжите да се фокусирате на приоритетите определени во Националната безбедносна стратегија, но и да се продолжи со процесот на зајакнување на институциите, зголемвуање на транспарентноста, борбата против корупцијата и слободата на медиумите, изјави Грабар Китаровиќ, додавајќи оти тоа се и прашањата кои вчера биле дискутирани на состанокот во Брисел.
Грабар Китаровиќ се заблагодари за учеството на припадниците на АРМ во мировните мисии, особено во мисијата ИСАФ во Авганистан, каде што, потенцира, е импресионирана од професионалноста и храброста на македонските мировници кои меѓу другото храбро се спротивставиле на неколку напади на командата во Кабул.




