Јавното претпријатие Комунална хигиена ќе го преземе чистењето во Клиничкиот центар, изјави денеска денеска министерот за здравство Венко Филипче. Но, не кажа кога ќе биде тоа бидејќи состојбата со хигиената е алармантна.
„Нема да има тендер за фирма која ќе ја оддржува хигиената, наскоро чистењето на Клиничкиот центар ќе го преземе Комунална хигиена“, рече денеска министерот Филипче.
И покрај акциите кои беа организирани во викендите, Клинички центар денеска во утринските часови повторно е затрупан со ѓубре.
Министерството за здравство го поништи тендерот за избор на фирма која ќе ја одржува хигиената во Клиничкиот блок. Директорката на Службата за општи и заеднички работи Шкодране Дардишта, не е достапна на мобилниот телефон, но пред извесно време најави акции за чистење во период додека се подготвува тендерот.
Пред два дена средношколци од гимназија во Ротердам метеа и чистеа во паркчето пред Детската клиника на Клиничкиот центар. Тие заедно со своите професори работат на фарбање и украсување на спратовите во клиниката, преку проект на холандската невладина организација „Аут од ареа“, но не останале рамнодушни на глетката со расфрланото ѓубре и решиле да го исчистат.
Денеска кантите и контејнерите се повторно полни, отпадоци има насекаде. Состојбата со хигиената во Клиничкиот центар е катастрофална откако истече договорот со фирмата која го чистела.
Додека надлежните не можат да го решат проблемот и се натегаат околу тендерот, граѓаните не внимаваат каде фрлаат отпадоци, а свеста за хигиена е на многу ниско ниво.







