Денеска во Кривичниот суд во Скопје во процесот „Фаланга 2“ се очекува поранешниот директор на Управата за Заштита на културното наследство, Паско Кузман да даде исказ за обвиненијата што му се ставаат на товар.
Тој се товари за злоупотреба на службената положба бидејќи, наводно, нелегално издал согласност на две лица да вршат ископувања во околината на Катланово и кај Делчево, каде се претпоставува дека во еден напуштен и затрупан тунел било оставено големо количество оружје на германската војска од Втората светска војна, а за локалитетот кај Катланово пак се трагало по закопано злато вредно неколку милиони евра.
Според обвинението, во издадените согласности не биле наведени точните локации каде што требало да се изведуваат ископувањата, а на двата локалитета обвинетиот Кузман го назначил обвинетиот Звонимир Николовски да врши археолошки надзор, додека како координатор се јавува обвинетиот Илче Бојчевски, но за тоа нема никаква официјална документација.
Првообвинетиот во случајот „Фаланга 2“, Илче Бојчевски пред судот пред 4 дена (16.09) изјави дека сè што правел било со дозвола на Бирото за јавна безбедност за разбивање на меѓународен канал на шверц со артефакти во времето кога со него раководеше Љупчо Тодоровски Радникот.
Со вакво образложение тој ги отфрлил сите точки од обвинението. Тој образложил дека дека заедно со обвинетиот Србин Давид Шекуларец кој сега е недостапен, и помагале на полицијата во претходната акција Фаланга. Подоцна на судењето беше и сведок на обвинителството.
Поранешниот директор на управата, Паско Кузман, денеска на судењето се бранеше дека целиот случај е „местенка“ поради неговите јавни критички за неможноста да се запрат кражбите на 40-тина вредни икони од цркви во Македонија и дека не е можно никој ништо да не знае за тоа.
Паско Кузман, чие барање да се брани од слобода со понудена гаранција беше одбиено и се уште е во куќен притвор, исказ пред судот најверојатно ќе даде в петок.
И останатите обвинети кои денеска сведочеа негираа дека на каков било начин биле дел од злосторничко здружување и дека вршеле илегални ископувања, одземале археолошки предмети и ги продавале во странство.
Бојчевски рече дека обвинението против него е конструкција поради изјава во медиумите во која ги критикувал државните безбедносни служби дека не можат или не знаат да дојдат до сознанија за кражби во цркви.




