Тешка кражба е новото дело за кое ќе се товарат дел од обвинетите во процесот Фаланга 2. Без дополнително да спроведе истрага, судот ја донел одлуката по барање на обвинителството. Новото обвинение се однесува за меч, шлем и плоча кои биле пронајдени на две локации во скопско и неготинско.
Адвокатите на одбраната тврдат дека новите обвиненија се неосновани. Тие велат обвинителството досега не доставило доказ за ниту еден вештачен предмет.
За тешка кражба ќе бидат обвинети тројца од седумнаесетте, и уште едно лице за кое засега не се знае дали обвинителството ќе издаде налог за негово апсење.
Својата одбрана денеска ја дадоа уште шестмина обвинети. Сите го отфрлија обвинението за кое се товарат.
Археологот во Управата за заштита на културното наследство, Звонимир Николовски тврдеше дека надзорот на ископувањата го правел на барање на директорот. Но, никаде не бил пронајден предмет со археолошка вредност. Додека Звонимир Будимировиќ, волонтер во Музејот во Демир Капија, пред судот образложи дека ќупот кој во неговиот семеен двор го запленила полицијата не бил артефакт, туку бил изработен во педесетите во едно соседно село.
Поранешниот директор на Управата за заштита на културното наследство Паско Кузман исказ пред судот ќе даде на следното рочиште, закажано за почетокот на следниот месец. Тој се товари за злоупотреба на службената положба бидејќи наводно нелегално издал согласност на две лица да вршат ископување во околината на Катланово и кај Делчево, каде се трагало по големо количество на оружје и злато.




