„Бедем” денеска ќе одржи Генерално собрание во историското Смилево на просторот пред споменикот на еден од најголемите македонски синови и херои, Дамјан Груев, со цел обединување на сите бранители под едно знаме.
-Собранието ќе започне во 12 часот и на него ќе присуствуваат 600 делегати од Здружението од сите градови во Македонија, како и многубројни други гости.Овој настан ќе се одржи на локацијата каде што се одржал и историскиот Конгрес пред Илинденското востание. Со тоа не само симболично, туку и суштински покажуваме дека продолжува континуираната борба на нашиот народ, овој пат борба за подобра и попросперитетна Македонија”, изјави вчера на Горан Димовски, Претседател на Здружението на Безбедносните сили Бедем.
Според него, ова Генерално собрание ќе биде можност за обединување под знамето на Македонија како и пред 110 години.
„Токму затоа на Генералното собрание на здружението Бедем поканети се да присуствуваат претставници на сите здруженија и организации на бранители во Македонија. Со тоа јавно даваме до знаење дека ова Собрание има за цел да ги обедини бранителите и да упати порака дека бранителите биле и секогаш ќе бидат на првите линии кога се брани мирот и безбедноста на нашиот народ и нашата Македонија”, рече Димовски.
„На Генералното собрание ќе бидат доделени плакети за заслуга на хероите кои застанаа зад повикот на нашата татковина во миговите кога и беше најтешко и кои што со своите животи го штитеа територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија. Но истовремено од овој настан ќе упатиме јасна порака дека нема да отстапиме од нашите барања за целосни права и бенефиции за бранителите и членовите на нивните семејства, затоа што тоа е долг кон сите оние кои ги жртвуваа своите животи на бедемот на својата татковина Македонија”, додаваат од Бедем.




