Општина Центар ја измени одлуката за комунален ред според која на територијата на Центар не е дозволено чување кучиња кои постојано лаат и завиваат. Одстранета е и одредбата за чување кучиња во зграда, односно сопственикот кој сака да си го чува кучето во стан, за тоа не мора да бара согласност од соседите.
– Kоригирана е одлуката за комунален ред. Причината за измената е грешка во толкувањето на законите и решивме да ги направиме овие измени. Никој не може некому да му забрани да чува во сопствениот стан што сака. Согласноста од соседите е потребна ако станарот сака кучето да го чува во заедничкиот двор – изјави претседателот на Советот, Мирослав Шиповиќ.
Одлуката е променета по силна реакција во јавноста и од Здружението за заштита на животните „Анима мунди“, кои во вторникот имаа средба со градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски и претседателот на Советот, на која беа договорени овие измени.




