Единаесет еднометарски букви и една четворка ги испишаа зборовите Sahara 4 Peace или Сахара за мир. Текстот е поставен на плочникот пред Школка во Градскиот парк и тука ќе остане 10 дена, со што и официјално започнува одбројувањето до почетокот на Сахара балканскиот мировен фестивал, соопштува оваа компанија, чиј сопственик е контроверзниот бизнисмен Субрата Рој.
Сахара балканскиот мировен фестивал официјално ќе започне точно полноќ на 1-ви октомври со перфоманс на Камен мост. Во текот на деноноќието во градот ќе се случуваат бројни активности. Некои од содржините ќе се одржат и во градовите од соседните држави со што на симболичен начин се кажува дека Сахара балканскиот мировен фестивал секоја година ќе се сели во друг град.
На 1-ви октомври во Скопје се очекува да пристигнат педесетина гости, светски лидери, поранешни претседатели, премиери, министри, амбасадори, холивудски ѕвезди, претставници од Балканските земји, сите ќе бидат дел од гостите на Сахара балканскиот мировен фестивал. Овој датум е избран како роденден на Махатма Ганди и прославуван од Обединетите Нации како Меѓународен ден против насилството.
Организацијата на фестивалот е спонзорирана од Сахара групацијата, под покровителство на Владата на Република Македонија.




