Соња Тарчуловска останува на КАРИЛ, односно на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување, по операцијата која и беше извршена вчера. Од КАРИЛ, повеќе не даваат информации за нејзината здравствена состојба, а затворени за јавноста останаа и хирушките клиники.
НОВА се обиде да добие официјални информации, но директорот на Ургентниот центар и потрпаролот на Хирургија не одговараа на мобилните телефони и СМС пораки. Дежурната лекарка од КАРИЛ порача дека за здравствената состојба на Тарчуловска треба да се обратиме кај нејзиниот сопруг, а не на клиниката. Неофицијално, во посета на Тарчуловска веднаш кога била хоспитализирана дошол премиерот Груевски.
Тарчуловска беше хоспитализирана во петокот околу 21 часот, по пад од тераса, а лекарите информираа дека има скршена карлица, повреда на рбетот во долниот дел и скршено рамо, по што и беше извршена итна операција.
Досега не се случило клиниките да ги затворат вратите кога медиумите бараат информација за здравствената состојба на некоја јавна личност , политичар или кога се работи за несреќа во која има повредени. Дури и при атентатот на поранешниот претседател Киро Глигоров медиумите беа известувани за текот на неговото закрепнување.




