Околу 2.000 граѓани денеска одлучија да го искористат бесплатниот појадок на Камениот мост, во центарот на Скопје.
Некои си заминаа сити и задоволни, а некои разочарани од услугата и организацијата, велат карти имаме, а појадок не добивме.
На менито сенвич, пијалок и малку овошје и зеленчук. Помладите посетители очекувале повкусно јадење.
За разлика од претходните три, оваа година освен на Камениот мост, појадокот се служеше и на новиот мост „Око“, со што се намали гужвата и турканицата од претходните години.
Но тоа не ги спречи гладните скопјани да ги наполнат торбите и за дома да си понесат нешто.
Граѓаните кои сакаа да бидат дел од заедничкиот појадок на мост, имаа можност да обезбедат карта во текот на минатата недела, а според податоците на Град Скопје превидени беа 2.500 оброци. Најголем дел од средствата се обезбедени од донатори, а околу 400.000 денари се издвоени од градската каса.




