На денешната собраниска седница почна расправата по Предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија во делот на дефинирањето на бракот како заедница исклучиво меѓу маж и жена, поднесен од пратеници од владејачкото мнозинство.
Предлагачите бараат уставно дефинирање на бракот како заедница меѓу еден маж и една жена, а децата без родители да можат да бидат посвојувани само од брачни парови во кои ќе има еден маж и една жена или од самохрани родители.
„Со измената на Уставот на РМ, како што истакна Влатко Ѓорчев, оваа правна положба на брачната институција уставно треба да се дефинира како заедница ислучително помеѓу еден маж и една жена во која се остваруваат интересите на брачните другари, семејството и општеството.
– Истовремено треба да се уреди прашањето дека ниту една друга заедница на живот, освен уставно дефинираната брачна заедница помеѓу еден маж и една жена нема да произведува правни дејствија и последици во Република Македонија, рече Ѓорчев.
Ивон Величковски од ЛП рече дека постапките на Владата не одат во прилог на тезата за заштита на бракот и семејството. Тој побара толерантен пристап кон различните групи, зацврстување на секуларните принципи и спречување на мајоризацијата во граѓанските, етничките и религиозни релации.
За да се донесат уставните измени потребно е дво-третинско мнозинство од вкупниот број на пратеници.




