Томи Салковски и Игор Иванов преку писмо упатија одговор до директорката на фестивалот за филмска камера „Браќа Манаки“, Лабина Митевска, откако таа до јавноста на истиот начин преку писмо зборуваше за одлуката на комисија годинава Македонија да нема свој кандидат за „Оскар“ во категоријата за најдобар странски филм. Писмото ви го пренесуваме во целост:
>> Лабина Митевска: Изи и Томи како не ви е срам
„Драга Лабина,
Ти благодариме за овој твој исказ со кој потврдуваш дека и ти, рамо до рамо со Тозија стоиш зад дискфалификацијата на филмовите кандидати за Оскар. Ти, мошне колегијално, си даваш за право да го убиеш детето во зародиш, да не му дадеш здив…. Ние до крај ќе го браниме филмот како наше дете, тоа е наша должност и обврска. “Соба со пијано” се роди на 14 септември во Битола. За само неколку дена, се обидовте да го обезличите, стигмитизирате, обезвредните. Наместо да бидеш промотор на македонскиот филм, ти се стави во друштво на џелатите. Искрено жалиме за тоа.
Впрочем, и минатата годинa – “Трето полувреме”, а и пред три години- “Мајки”, се филмови кои го отворија Манаки, а беа и кандидати за Оскар, без да имаат време, а со тоа и шанса за интернационална промоција. Тоа никому не му пречеше. Напротив, тоа им помогна на филмовите во нивната меѓународна промоција и промоцијата на нашата земја. Токму поради премиерата на “Манаки”, филмот “Соба со пијано”, според регулативите на Академијата може да биде македонски кандидат за оскар само сега и никогаш повеќе.
Да се учествува на олимпијада, евровизија, оскар, тоа е придобивка на современиот свет, израз на космополитизам. Да се забрани учество на ваков меѓународен настан е израз на локално, брутално, себично делување. Зад овие два филма стојат две третини од членовите на Друштвото на филмски професионалци на Македонија, луѓето кои ве избраа и овластија. Наместо да им дадете ветар во едрата, вие пакосно се обидовте да ги потонете. Во случајот со Соба со пијано, тоа нема да ви успее, а за тоа нема да има потреба да чекаме цела една година. Зад нас како уметници, досега стојат Берлин, Локарно, Карлови Вари, Ротердам, Валенсија, Сао Паоло, злата, сребра, специјални, награди за режија, за најдобар филм, за посебни артистички достигнувања… Ние немаме потреба да го докажуваме нашиот кредибилитет. И овој филм ќе го докаже тоа.
Соба со пијано, за само една недела ги надмина сите очекувања за гледаност, а во рецензиите е оценет највисоко. Сличен став имаа и малкумината странци присутни на фестивалот во Битола.
Ние искрено не можеме да ги разбереме вашиот проблем и деструкција“.
Искрено,
Томи Салковски
Игор Иванов




