СДСМ е против носење на пакет закони со кои се воведуваат дополнителни казни и двојно, па и тројно зголемени глоби и санкции за граѓаните, истакна пратеничката Ана Павловска Данева, во врска со новиот предлог закон за прекршоци и пакетот закони поврзани со него.
– Сите заедно имавме прилика, пред два дена да ја слушнеме научната и стручната јавност која остро го искритикува предложениот Закон за прекршоци, укажувајќи дека со овој закон, цитирам дел од учесниците на јавната расправа „државата се претвора во механизам за рекет на граѓаните и бизнис заедницата“.
– Ние нема да дозволиме буџетот на државата да се полни по пат на притисоци, глоби, парични казни и рекетирање на македонските граѓани – истакна Данева пред новинарите.
Таа истакна дека наместо предложените катастрофални, па дел од нив, како што рече, дури и противуставни законски решенија, СДСМ бара казната да биде исклучок, а не правило.




