Повеќе од 100 изборни единици што гласаа за напуштање на ЕУ во Велика Британија, сега сакаат да останат во ЕУ, тврди една нова анализа што ја пренесува Гардијан.
Оваа анализа би можела да има значајно влијание врз парламентарната битка за Брегзит оваа година. Таа заклучува дека се повеќе изборни единици во Велика Британија сега имаат мнозинство гласачи кои сакаат да останат во ЕУ.
Анализата, една од најсеопфатните проценки за мислењата на граѓаните по Брегзит референдумот, укажува дека има се повеќе колебања кај гласачите на Лабуристите кои гласаа за излегување од ЕУ.
Трендот е најизразен во северниот дел на Англија и во Велс каде што има најмногу гласачи на британската левица и таму ставот за Брегзит се чини се менува. Тоа ќе направи притисок врз Џереми Корбин да го омекне противењето на партијата за заминувањето на Британија од ЕУ.
Направени се две анкети на YouGov со вкупно 15.000 луѓе, спроведени пред и откако Тереза Мај го објави својот нацрт договор со Брегзит на 6 јули. Студијата беше заеднички нарачана од страна на “Најдоброто за Британија”, која спроведува кампања против Брегзит и анти-расистичката група “Надевај се, не мрази”.
Новата анализа укажува на тоа дека сега има мнозинство за поддршка за ЕУ.
Подоцна годинава Меј ќе мора да преговара во Парламентот за Брегзит а постои и можноста за парламентарни избори за конечниот договор со Брегзит. Противниците на Меј веќе прават обиди за нов референдум или избори.
Елоиз Тод, главен извршен директор на “Најдоброто за Британија” изјави дека “ова истражување покажува дека Брегзит не е неизбежен”.
– Луѓето во Велика Британија во последните две години имаат се поголемо чувство на несигурност и разочарување и размислуваат поинаку – 112 изборни единици сега подржуваат останување во ЕУ. Јавното мислење се менува, рече Тод. И додаде дека Вестминстер треба да им даде можност на граѓаните уште еднаш да го кажат нивниот став и да им даде можна опција за градење на иднината во ЕУ .
Ник Лоулс, шеф на “Надевај се, не мрази” изјави:
– Нашите податоци покажуваат јасна промена на јавното мислење против Брегзит. Кај луѓето расте загриженоста за тоа како излезот од ЕУ ќе влијае на нив и нивните семејства. Ова не може да се игнорира.
Според него, трендот на промена на мислењето на јавноста е забрзана, бидејќи реалноста на она што Брегзит би значел, станува се поочигледна и стравот од немањето договор за Брегзит расте, особено за гласачите кои првично веруваа дека напуштањето на ЕУ ќе ги подобри нивните економски перспективи. Тој упати повик до политичарите кои “треба да разберат дека јавното мислење се сменило”.




