Каде е запишан кредитот од Шпаркасе банка за коjшто министерката Јанкулоска тврди дека го подигнала за становите вредни 200 илјади евра? Анкетниот лист покажува дека Јанкулоска во Шпаркасе банка има девизи, а не кредит, заклучуваат од Социјалдемократскиот сојуз.
Според најголемата опозициска партија, во Анкетниот лист на Јанкулоска од 2006 година, по нејзиното доаѓање во МВР, министерката пријавила само еден стан од 50 квадратни метри. Во 2006-та Јанкулоска имала и кредит од 25 илјади евра и заштеди од 10 илјади евра.
Но по 5 години, според новиот Анкетен лист, соопштуваат од партијата, министерката освен што се стекнала со два стана вредни 200 илјади евра, ги намалила кредитите за 11 илјади евра, а ги зголемила заштедите во девизи и денари за дури 15 илјади евра.
СДСМ инсистира министерката Јанкулоска, да и ја открие на јавноста тајната на експресното богатење со административна плата.
Анкетен лист на министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска
Дали Анкетниот лист на Гордана Јанкулоска, јавно објавен на страницата на Државната комисија за спречување на корупцијата ја замолча „чесната“ министерка? Бидејќи таа самата најави дека ќе ги запознае медиумите, или барем дел од нив, а во текот на вчерашниот ден тоа не се случи, реагираат од СДСМ.




