Заедничка карактеристика на сите дезинформирачки стории е што тие најчесто се објавени без да се наведат извори, при што имаат субјективен тон. Во Западен Балкан, најголемиот број на стории без наведени извори, го има во Србија, додека најголемиот број на стории кои се повикуваат на „неименувани извори“ го има во Македонија. Ова се некои од податоците до кои дојде едномесечното регионално истражување спроведено од српската граѓанска организација ЦРТА.
Истражувањето спроведено од 14 мај до 10 јуни, покажа дека речиси една третина од сториите во медиумите каде се спомнуваат меѓународни актери во Србија, не спомнуваат никаков извор за нивните вести, со што се создава потенцијална дезинформација. Мнозинството од нив се со про-руски и анти-американски ставови.
Во мониторингот на водечките медиуми во четири земји (Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Македонија), ЦРТА се фокусираше на портретирањето на интернационалните актери ( ЕУ, САД, Русија и НАТО). Како прв показател за дезинформација тие го сметаа ненаведувањето на изворот во текстовите. Мониторингот покажа дека српските медиуми се водечки кога се таквите текстови во прашање, додека во Македонија изобилуваат текстовите со неименувани извори.
Понатамошното истражување покажа дека во Србија помеѓу вестите кои не наведуваат извори, доминантиот тон е про-руски и анти-американски. Во Босна и Херцеговина, повеќето од таквите содржини биле анти-американски и про-ЕУ. Само во Црна Гора и Македонија, во периодот во кој е вршена анализата, е забележана про-американска содржина во медиумите, поточно 31 отсто и 26 отсто.
Генерално, додека присуството на про-ЕУ коментарите и неутралните ЕУ вести, варирале од 19 до 25 отсто во БиХ, Македонија и Црна Гора. ЦРТА подвлекува дека во Србија неутралните ЕУ вести доминирале со 27 отсто. Про-ЕУ известувањето е значително пониско споредено со останатите земји од регионот и е речиси еднакво со про-руските содржини – 14 отсто.
Кога се во прашање темите на кои се однесуваат медиумските текстови за интернационалните актери, истражувањето покажа дека политиката е тема број еден во истражуваните земји. По неа доаѓаат војската (Црна Гора и Македонија), економијата (БиХ) или Косово (Србија).
– За да може да им се спротивстават на дезинформациите, неопходно е медиумите и новинарите да ги проверуваат податоците и нивните извори, наместо само да ги пренесуваат информациите – рече Вукосава Црњански, директорка на ЦРТА, на презентацијата на извештаот од истражувањето.
Дополнително, носителите на одлуки и институциите би требало да започнат програми за медиумска писменост, и граѓаните сами да ги читаат и проверуваат вестите и изворите пред да ги споделат на социјалните медиуми.
*„Проектот е финансиран од Европската Унија преку програмата за мали грантови „Заштита на медиумските слободи и слободата на говор во Западен Балкан“ имплементиран од Здружението на новинари на Хрватска како дел од Регионалната платформа за застапување на медиусмките слободи и безбедност во Западен Балкан во партнерство со шест организации од регионот (Независното здружение на новинари од Србија, Здружението на новинари од БиХ, Хрватсото здружение на на новинари, Здружението на новинари од Македонија и Унијата на медиумите од Црна Гора”.




