За Зоран Томовиќ или Миле Хаџиски, за кој постојат сомневања дека е припадник на организираната криминална група „Пинк Пантер“, како што веќе јави дописникот на МИА од Париз, судот од Ним одлучува дали ќе им биде испорачан македонските власти.
Одлуката за испорачување на Македонија беше одложена на расправата која се одржа на 28. август, кога судот одлучи да не го испорачува на Швајцарија. Судот се спротистави на барањето на Швајцарија за екстрадиција, поради тоа што тој имаше француско државјанство во моментот на делата за кои е обвинет.
Зоран Томовиќ или Миле Хаџиски во Македонија е осуден во отсуство на 20 години затвор поради убиство на неговата пријателка Мери Јошевска во 1993 година.
За разлика од делата за кои го товари Швајцарија, во случајот со Македонија тој во моментот немал француско државјанство. Францускиот суд денеска треба да се изјасни и за барањето на Хаџиски за пуштање на слобода.
Непосредно пред судската расправа, дописникот на МИА од Париз имаше телефонски разговор со адвокатката која го застапува пред судот во Ним, Селин Алкалд. Таа за МИА изјави дека на судската расправа се појавуваат со уверување дека ќе добијат слична пресуда како при барањето за екстрадиција од страна на Швајцарија, кое беше отфрлено.
Зоран Томовиќ или Миле Хаџиски поседува француско државјанство, роден во 1966 во Србија, воен пензионер (француски), без постојано место на живеење во Франција и чија жена и деца живеат во Швајцарија. Тој се стекнал со француско државјанство во 2002 година.




