Новинарите да внимаваат како известуваат во врска со полициската акција „Шпион“- ова е предупредување кое денеска судијата Владимир Туфегџиќ на прес-конференција го наведе, со образложение дека пласирањето информации кои се класифицирани би можеле да и нарушат на истрагата, а новинарот и медиумот би можеле да повлечат кривична одговорност доколку така оцени Јавното обвинителство.
>> Јанкулоска: Обвинетите работеле за една соседна држава
Јавноста ќе биде исклучена во дел од постапката којашто ќе се води за случајот. Но од Основниот суд 1 не појаснуваат конкретно кој дел од постапката ќе биде достапен за јавноста. Oстанува судот да процени и да донесе одлука во кој дел од постапката за „Шпион” ќе може да присуствуваат новинарите.
„Тоа е одлука на судот којшто ќе ја води понатаму постапката и извесно е дека еден дел од постапката ќе биде од затворен тип, што значи дека јавноста нема да може да присуствува кога ќе се изведуваат докази кои имаат одреден степен на тајност“, изјави истражниот судија, портпарол на Основен суд 1, Владимир Туфегџиќ.
>> ВИДЕО: Како се одвиваше полициската акција Шпион
Најголем дел од доказите во оваа постапка се со степен тајност, па затоа во оваа кривична постапка, Судот од надлежните институции побарал доказните материјали да се декласифицираат за да бидат достапни како за обвинетите, така и за нивните адвокати.
– Во овој момент, а и понатаму во текот на оваа кривична постапка, овие докази нема да бидат предмет на коментари, по однос на нивната содржина надвор од Судот, бидејќи и решението за симнување на степенот на тајноста ќе значи дека овие докази се за ограничена употреба, односно само во судската постапка. Ова се наметнува логично, бидејќи природата и содржината на тие докази е таква и тие содржат лични податоци, персонални податоци за лица и други содржини, за кои ние како Суд ќе постапуваме во таа смисла согласно законот, рече судијата Туфегџиќ.
>> ВИДЕО: МВР со детали за акцијата „Шпион“
Според него, на обвинетите и адвокатите нема да им биде ускратено правото на одбрана, а доказите ќе ги добијат штом тие ќе бидат декласифицирани.
Иако веќе во јавноста излегоа информации од истрагата, детали за обвинетите, судијата не сака да ги коментира и вели дека единствено јавниот обвинител има надлежност да го следи јавно кажаниот збор. Тој не коментира дали може да се пренесува изјава на обвинети којашто е објавена на фејсбук профил и следењето на ваквите јавни изјави смета дека се работа на јавниот обвинител.
– Се објавува она што е официјално од судот. Фејсбук профили, портали кои ги има и се она што ќе биде објавено на Фејсбук профили и портали, за нас како Суд не значи ништо. Важно е дали со тоа се нарушува истрагата и се нанесува штета на оваа постапка, за што цени ЈО. Ние како Суд не можеме да коментираме коментари на Фејсбук, но што се однесува во тој дел, јавно допрен глас е работа на ЈО и во таа смисла како Суд не може да носиме одлука дали нешто ќе се објави или не. Јас говорам за класифицирани информации кои се предмет на оваа постапка, а случувања дека некој некому дал нешто и така натаму тоа е нешто што треба да го истражува ЈО, бидејќи тоа е единствениот овластен да изврши проверка на сите тие наводи, изјави тој.
>> Акција Шпион: Второ ВИДЕО на МВР од апсењата
Туфегџиќ потенцира дека истрагата за „Шпион“ тече забрзано, односно во тек е постапка за симнување на степенот „тајност“ на доказните материјали. Во тек се и вештачења на материјалните докази, односно со посебни истражни мерки земање податоци од компјутерите кои биле запленети од обвинетите. Јавното обвинителство има период од максимум 6 месеци да го состави обвинението.
Во акцијата „Шпион” беа уапсени 17 лица поранешни и сега вработени во министерството за внатрешни работи и во безбедносните служби.
Според информациите од МВР, распишана е меѓународна потерница, по уште двајца осомничени во „Шпион“.




