Еден милион и шестотини илјади евра заработила фирмата „Јавор шпед“ од Струмица преку склучени договори за јавни набавки со општина Струмица, потенцираше денес градоначалникот на Дојран, Борче Стамов.
Тој го повика лидерот на СДСМ, Зоран Заев во јавноста да каже колку фирми на неговото семејство и нивните бизнис ортаци добиле јавни набавки во оваа Општина.
Според него се работи за огромен скандал, и за систем создаден од Заев, а чија цел е излевање пари на граѓаните на Струмица на сметките на фирмите на неговото семејство и бизнис-ортаците.
– Зоран Заев ја претворил фирмата „Јавор шпед“ ДООЕЛ Струмица во главен набавувач на гориво, екстра лесно масло за греење и други стоки за потребите на Општина Струмица и институциите под нејзина надлежнност. Зоран Заев на „Јавор шпед“ ДООЕЛ Струмица ѝ овозможил да добие 11 јавни набавки во изминативе години со вкупна вредност од 101.354.456 денари. Од нив 83.322.641 денари фирмата ги добила од јавни набавки склучени директно со Општина Струмица, а 18.031.815 денари ги добила од јавни набавки склучени со ЈПКД „Комуналец“, вели Стамов.
Тој додаде дека Крстев и братот на Заев, Вице, биле бизнис партнери во три фирми, а склучувањето на договорите на фирмата на Крстев со општина Струмица биле класичен пример за непотизам.
„Наместо да се правда со празни соопштенија и смешни оправдувања, ние по којзнае кој пат го повикуваме Зоран Заев да излезе и јавно да признае колку фирми на неговото семејство и нивните бизнис ортаци добиле јавни набавки во Општина Струмица“, надополнува Стамов.




