Во пресрет на средбата помеѓу Министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Попоски во Њујорк, со шефот на грчката дипломатија Евангелос Венизелос и утрешниот говор на Груевски пред ОН, ви ја презентираме политиката на Грција за спорот за името објавена на Веб-сајтот на грчкото МНР во кое ја обвинува Македонија за неконструктивност и провокации во решавањето на спорот за името.
Средбата е закажана во 12 часот по њујоршко време, а се одржува на маргините на 68-то Генерално собрание на ОН.
Прашањето за името на Поранешна Југословенска Република Македонија не е само спор околу историските факти или симболи. Се однесува на однесувањето на членка на ОН, Поранешната Југословенска Република Македонија, што е во спротивност со основните принципи на меѓународното право и поредок; конкретно, почитувањето на добрососедските односи, суверенитет и територијален интегритет, стои во соопштението на грчкото министерство за надворешни работи по прашањето за името.
Грчкото министерство се осврнува на историјатот од каде произлгеува прашањето за името и во кој дел Македонија ја прекршува Привремената спогодба потпишана во 1995 година.
Целото соопштение и ставот на грчкото министерство, ви го пренесуваме во целост:
„Прашањето за името е проблем со регионални и меѓународни димензии, кои се состојат во промоцијата на иредентистичките и територијалните амбиции од страна на Поранешна Југословенска Република Македонија, главно преку фалсификување на историјата и узурпација на националното и историско наследство на Грција.
Проблемот се појави во 1991 година, кога Поранешната Југословенска Република Македонија се отцепи од Југославија и прогласи независност под името „Република Македонија“.
Историски гледано, терминот „Македонија“, кој е грчки збор, се однесува на Кралството и културата на античките Македонци, кои припаѓаат на Хеленската нација и се несомнено дел од грчкото историско и културно наследство.
Географски, терминот „Македонија“ се однесува на поширокиот регион кој се протега во сегашната територијата на повеќе балкански земји, најголемиот дел од регионот е во Грција, додека помали делови во Поранешна Југословенска Република Македонија, Бугарија и Албанија. Суштината на она што беше античка Македонија, лежи во современите грчки граници, и се состои од северниот дел на грчката држава кој се нарекува Македонија. Околу 2,5 милиони Грци денес живеат во овој регион, и тие и нивните предци низ векововите се сметале, и се нарекувале Македонци.
Корените на спорот за името датираат од средината на 1940 година, кога, како последица на Втората светска војна, главниот командант, Тито, од Србија го оддели регионот познат дотогаш како Вардарска Бановина (денес Поранешна Југословенска Република Македонија), давајќи му статус на федерална единица на новата Социјалистичка Федеративна Република Македонија, преименувајќи ја, првично, „Народна Република Македонија“, а подоцна „Социјалистичка Република Македонија“. Во исто време, тој почна да ја култивира идејата за посебна и одвоена „македонска нација“.
Тито се разбира имаше многу причини за повлекување на вакви потези, главниот – да се постават темелите за идните југословенски територијални претензии во поширокиот регион на Македонија, и да обезбеди отворање на Егејското Море. Намерите на Тито во поширокиот македонски регион се потврдија во 1944 година, кога тој изјави јавно дека неговата цел беше повторно обединување на „сите делови на Македонија кои беа растурени во 1912 и 1913 година од страна на балканските империјалисти“.
Декемврискиот извештај на Стејт департментот испратен до американските власти во 1944 година, потпишан од страна на американскиот државен секретар во тоа време, Стетиниус, забележува, меѓу другото, дека „оваа влада на САД размислува за македонска „нација“, македонска „татковина“, или македонска „национална свест“ како неоправдана демагогија која не претставува никаква етничка или политичка реалност, и во нејзиното сегашно заживување гледа веројатна маска за агресивни намери против Грција“.
Против оваа историска позадина, Поранешната Југословенска Република Македонија ја прогласи својата независност во 1991 година, базирајќи го своето постоење како независна држава, на вештачки и невистинит поим – „македонска нација“, која бил негуван преку систематско фалсификување на историјата и експлоатацијата на античка Македонија, чисто поради причини од политичка целисходност.
Грција реагираше цврсто на кражбата на нејзиното историско и културно наследство и на предавничките територијални и иредентистички намери на Поранешната Југословенска Република Македонија, и ова прашање дојде пред Советот за безбедност, кој, во две резолуции (817 (1993) и 845 (1993)) препорача дека решение треба да се најде брзо, во име на добрососедските и мирољубиви односи во регионот.
Во 1993 година, по препораката од Советот за безбедност, Поранешната Југословенска Република Македонија беше прифатена, со одлука на Генералното собрание, во Обединетите Нации под своето привремено име, се додека не се постигне договореното решение.
Во 1995 година, Грција и ПЈРМ склучија Привремена спогодба, која воведе обврзувачки „кодекс на однесување“.
Врз основа на Привремената спогодба, двете страни започнаа преговори под покровителство на ОН. Овие преговори траат до денес.
Во времето кое помина од потпишувањето на Времената спогодба, ПЈРМ систематски го повреди духот на договорот, како и обврските кои произлегуваат од него:
– преку промовирање на територијални проекции против Грција со портретирањето на мапи, во учебниците на училиштата, во историските книги, итн, за грчката територија во рамките на „поголема“ Поранешна Југословенска Република Македонија, прекршувајќи ги членовите 2, 3, 4 и 7.1;
– подржувајќи иредентистички барања и поттикнување националистичко чувство во Грција, спротивно на членот 6.2;
– со користењето на името „Република Македонија“ во меѓународните организации – меѓу кои и Обединетите Нации – каде таа се приклучи под услов да го користи привременото име „Поранешна Југословенска Република Македонија“, со кршење на релевантните обврски предвидени во членот 11.1 (дури и на подот на Генералното собрание на ОН, тогашниот претседател на Поранешната Југословенска Република Македонија изјави дека „името на мојата земја е, и ќе остане Република Македонија“);
– со користење на симболи – вклучувајќи го и Сонцето на Вергина, и други симболи кои се дел од историското и културното наследство на Грција, чија употреба е забранета според членот 7.2. Други случаи на ваква повреда вклучуваат и преименувањето на аеродромот во Скопје во „Александар Велики“, подигнувањето на споменици на Александар Велики и Филип II, и именувањето на дел од Коридорот 10 која поминува низ ПЈРМ во „Александар Македонски“, изградбата на „Порта Македонија“ и површината која носи врежани релјефни сцени од античката грчка историја и Сонцето на Вергина, како и експресна референца за „Егејска Македонија“.
– со преземањето или толерирањето на провокативни акции кои поттикнуваат непријателство и фанатизам, вклучувајќи и сквернавење на грчкото знаме, и замената на нацистичката свастика за христијанскиот крст, малтретирањето на грчки бизниси, бизнисмени и туристи, итн, кои се спротивно на членот 7.1. Иредентистички слогани извикувани од страна на навивачите на ПЈРМ на меѓународните спортски настани, провокативни и навредливи дејствија кон Грција на карневалот во Вевчани, кој е финансиран од страна на Министерството за култура на ПЈРМ.
Сложено име со географска одредница за употреба во односите со секого ( erga omnes ) е најдобар можен основ за изнаоѓање на чесен, заемно корисен компромис кој нема да создаде победници и губитници , туку ќе ги постави темелите за развојот на здрави и стабилни билатерални односи врз основа на принципот на почитување на добрососедските односи , и ќе го зајакне мирот и стабилноста во поширокиот регион.
Грција сака да се изнајде заемно прифатливо , јасно и дефинитивно решение за прашањето за името. Тоа треба да биде решение кое нема да создава тензии во иднина.
Наместо да ја признае и почитува поддршката на Грција за нејзината европска и евро-атлантска иднина, Поранешната Југословенска Република Македонија обично одговара на гестовите на Грција на поддршка на свежи провокации и зацврстени ставови“, се вели во соопштението.




