Јавните претпријатија кои се во надлежност на Општина Струмица доделувале јавни набавки на фирмите на фамилијата Заеви и нивните бизнис ортаци, ама затоа пак, за возврат општина Струмица доделувала јавни набавки на фирмите на блиските роднини на директорите на истите јавни претпријатија, рече на денешната прес-конференција министерот Иво Ивановски.
Тоа е начинот на кој Зоран Заев им се оддолжувал на директорите кои ги поставува и му одговараат за својата работа директно нему.
ВМРО – ДПМНЕ денес презентираше нови документи.
– Фирмата Хит Бекатон ДООЕЛ Струмица која во моментот на склучување на договорите за јавни набавки била во сопственост на Костаке Трајков, шура на Панче Орцев, добила јавна набавка на 17.06.2010 во износ од 1.519.179 денари за изведба на работи.
– Овој договор на Општина Струмица со шурата на Панче Орцев е склучен во време кога Панче Орцев бил директор на ЈПКД Комуналец. Тој оваа функција ја врши до парламентарните избори во 2011 година кога добива пратенички мандат.
– Во меѓувреме додека Панче Орцев е директор на ЈПКД Комуналец, тој доделувал јавни набавки на фирмите од фамилијата Заеви и нивните бизнис ортаци. Впрочем тој е директорот на ЈПКД Комуналец кој склучил договори за јавни набавки со фирмата Еленица во сопственост на братот и братучедот на Зоран Заев, со фирмата Тргопродукт која е во сопственот на братучетката и стрината на Зоран Заев, како и со фирмата Јавор Шпед која е во сопственост на бизнис ортакот на братот на Зоран Заев.
– Нeсoмнено Панче Орцев и Зоран Заев си имале нати го – дај ми го. Орцев, директно назначен од Зоран Заев за директор на ЈПКД Комуналец, доделувал договори за јавни набавки на фирми од фамилијата Заеви и нивните бизнис ортаци, а Заев пак јавни набавки на шурата на Орцев, истакна министерот Ивановски.




