По доставениот Предлог ребаланс на Буџетот за 2013 година и објавените податоци за остварувањето на овогодинешниот Буџет, заклучно со месец август, се отвораат прашања кои треба да и се постават на време на владата, изјави на денешната прес-конференција, потпретседателот на СДСМ, Ванчо Узунов.
Узунов упати прашање до владата како мисли да ги оствари предвидените буџетски приходи до крајот на годината.
За да се остварат проекциите на Владата предвидени со ребалансот на Буџетот, во четирите месеци до крајот на годината – од кои еден е веќе изминат, вели тој, буџетските приходи, во секој месец треба да бидат за 46 милиони евра поголеми од досегашниот месечен просек! Од каде ова стопанство ќе ги извади тие пари? Од каде кога за 8-те изминати месеци Владата собрала малку над половина, 60 проценти од вкупно предвидените пари?
„Како тоа Владата мисли и тврди дека трошењето на предвиденото негативно буџетско салдо за до крајот на годината ќе биде помало од досегашното? Како, кога досега се веќе потрошени над три четвртини од тоа негативно салдо? Буџетскиот дефицит до крајот на годината ќе треба во секој месец да биде за 12 милиони евра помал од досегашниот месечен просек“, потенцираше Узунов.
Уште едно од неговите прашања упатени кон владата е дали пресметала колкав ќе биде долгот на крајот на годината, ако приходите се остваруваат како просекот во изминатите 8 месеци, а расходите бидат остварени согласно ребалансот?
– Се работи за минус што ќе изнесува речиси половина милијарда евра, вели Узунов.
Со ребалансот се планира дефицит од 310 милиони евра, што изнесува 3.9 отсто од предвидениот БДП. Ако се оствари наведеното сценарио, тогаш минусот ќе изнесува 6.3 отсто од БДП, нагласи потпретседателот на опозициската СДСМ.
Според Ванчо Узунов, владата и должи одговори на јавноста за овие прашања сега, а не догодина.
Поради наведените факти, меѓу останатото, СДСМ инсистираше и сега инсистира со ребалансот на Буџетот да се оди на кратење на непотребните буџетски расходи, а не со пораст на буџетскиот дефицит, како што прави Владата, заклучува тој.




